МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(4 – 10 октомври: Стравопочит во мојот живот)
„Пазете ги Моите саботи, почитувајте го Моето Светилиште. Јас Сум Господ!“ (Левит 19:30; Библија)
Бог е возвишен и свет, и за понизната и верна душа, Неговиот дом на земјата, местото каде што Неговиот народ се состанува за богослужение, претставува врата на небото. Песните на благодарност и зборовите коишто ги изговараат Христовите проповедници, претставуваат од Бога одредени средства преку кои припадниците на Неговиот народ се припремаат за горната Црква, за она возвишено богослужение.
Кога оние, коишто доаѓаат на богослужение, влегуваат во просторијата наменета за тоа, тие треба да се однесуваат онака како што доликува за тоа место, завземајќи го во свечена тишина своето место. Обичните разговори, дошепнувањата и смеењето не се дозволени во Божјиот Дом, ниту пред, ниту после богослужението. Оние коишто дошле да присуствуваат на богослужение треба да бидат обземени со искрена и делотворна побожност.
Оние, коишто мораат да чекаат неколку моменти на почетокот на богослужението, во свечена тишина нека го сочуваат вистинскиот дух на побожност во длабоко размислување, воздигнувајќи го своето срце во молитва кон Бога за службата да делува делотворно и на самите нив, а и за да доведе до осведочување и обраќање на други. Секогаш треба да имаме на ум дека овде се присутни небесните весници. Сите ние многу губиме од слаткото заедништво со Бога поради нашата вознемиреност и пропуштените моменти за размислување и молитва.
Воздигнувајте ги начелата на христијанството пред очите на децата и младите; помагајте им мислите за Христа да ги вткајат во секоја нишка од својот живот. Научете ги кон Божјиот Дом да гајат најдлабоко чувство на стравопочит, имајќи на ум дека секогаш кога ќе влегуваат во таа света сала, срцето да им биде исполнето со мисли како оваа: „Овде е Бог и ова е Негов дом. Јас морам да имам чисти мисли и најсвети побуди.“
Родителите се должни, не само да поучуваат, туку и да им наредат на своите деца во светилиштето да влегуваат со најголема сериозност и стравопочит. Практикувајте го стравопочитувањето сѐ додека тоа не стане составен дел на вашата природа.