МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(8 – 14 ноември: Победа во судир со злото)

„Но, фала Му на Бога, Кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос.“  (1 Коринтјаните 15:57; Библија)

Христос од Таткото примил власт, Својата божествена милост и сила да му ја подари на човекот, овозможувајќи му во Негово име да стане победник. На искушенијата што Христос ги победил и ние сме сите лично изложени, но ни е загарантирана сила во семоќното име на големиот Победник (Исус Христос). И секој од нас мора лично за себе да победи.

Тој знае за секое искушение и секоја болка што ги погаѓаат децата и младите. И Тој бил исто така млад. Искушенијата и неволјите низ коишто вие поминувате и Тој ги поднесувал. Тагите и болките што ве следат и Него го следеле. Но Тој никогаш не бил победен од искушенијата. Во Неговиот живот немало ништо што не било чисто и благородно. Тој е вашиот Помошник и вашиот Искупител.

Божествената љубов и сочувството на Неговото срце најмногу ги привлекувало оние коишто биле најбезнадежно вплеткани во замките на непријателот. Повелбата за ослободување на човечкиот род Тој ја потпишал со сопствената крв.

Христос не сака оние коишто Тој ги откупил со толку висока цена да станат играчка во сатанските искушенија. Тој не сака да бидеме совладани и да пропаднеме.

Тој, Којшто ги скротил лавовите во својата јама кога Даниел бил фрлен помеѓу нив, и Којшто одел среде пламенот на вжарената печка со Своите верни сведоци во долината Дура, и денес, исто така, е подготвен да се залага за нас, да го потчини секое зло во нашата природа.

Денес Тој стои пред олтарот на милоста, претставувајќи ги молитвите пред небесниот Татко на оние кои ја бараат Неговата помош. Тој никогаш не се свртува од оние коишто плачат и коишто со понизно срце се кајат поради своите гревови. Душата којашто ќе побара прибежиште кај Него, Тој ја воздигнува над злобата на обвинувачките и злобни јазици. Ниту луѓето ниту злите ангели не можат да ги обвинат таквите души, затоа што Христос ги соединува со Својата божествена природа.

Pin It on Pinterest