МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(8 – 14 март: Раководење според начелата, а не според склоностите)

„Кој ќе се искачи на Господовата Гора, кој ќе застане на Неговото свето место? Оној, кој има чисти раце и невино срце; кој не ѝ ја предаде својата душа на суетата и кој не се заколнува лажно.“ (Псалм 24:3.4; Библија)

Својата духовна чистота можеме да ја зачуваме само со постојана будност, претпазливост и молитва.

Живееме во атмосфера на сатански магии. Своите волшебни мрежи на невоздржливоста и развратот, непријателот ги плете околу секоја душа којашто не е заштитена со Христовата милост. Сигурно дека искушенија ќе има секогаш, но доколку ние будно се чуваме од непријателот и со самосовладување и чистота постојано одржуваме рамнотежа, заводничките духови нема да имаат никакво влијание на нас. Оние коишто со ништо не ги поттикнуваат искушенијата ќе имаат сила да им се спротивстават кога тие сепак ќе надојдат.  

Ако младите своеволно не се изложуваат на опасности, ако без потреба не истрчуваат на патот на искушението, ако се тргаат од злите влијанија и дружења со развратници, и тогаш кога неизбежно се приморани да се наоѓаат во друштво на такви, тие ќе имаат сила да се заложат за она што е исправно, да ги чуваат начелата, и благодарејќи ѝ на Божјата сила, да останат чисти. Ако младите коишто примиле добро воспитување направат од Бога свое надевање, нивните морални сили ќе ја издржат и најтешката проба.

Божјите избраници мораат да останат чисти среде сѐ поголемата изопаченост на оние со коишто се опкружени во овие последни денови. Божјиот Дух треба да има совршена контрола и влијание на секоја нивна постапка.

Оние коишто на својот животен повик му пристапуваат со цврсти начела, ќе бидат во состојба среде моралната расипаност на овој изопачен век да останат чисти.

О, Господе, кој ќе опстане кога ќе се појавиш Ти? Само оние коишто имаат чисти раце и чисто срце ќе се одржат на денот на Неговото доаѓање. Бидејќи се надевате дека на крајот ќе му се придружите на возвишеното друштво на безгрешните ангели и ќе живеете во атмосфера во којашто нема ниту најмала трага на грев, тежнејте за чистота, затоа што ништо друго нема да го издржи испитот на Божјиот ден и нема да биде примено во чистото и свето небо.

Pin It on Pinterest