МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(6 – 12 септември: Примери на посветен живот)
„Енох одеше со Бога, потоа исчезна; Бог го зеде.“ (Битие 5:24, Библија)
И покрај тоа што безбожништвото земало сè поголем замав, постoела цела низа на свети луѓе коишто, одржувајќи непрекината врска со Бога, биле толку облагородени и возвишени како да живееле во друштво на небесни суштества. Тоа биле луѓе со силен ум и чудесни способности. Тие имале голема и света мисија – да развијат беспрекорен карактер и да бидат пример на побожност, не само за луѓето на своето време, туку и за идните генерации.
За Еноха е запишано дека во шеесет и петата година од својот живот добил син. А потоа, одејќи еднакво со Бога, поживеал уште триста години. И во текот на тие свои први години, Енох го љубел Бога, се боел од Него и ги држел Неговите заповеди.Од Адамовите усти дознал за мрачната историја на падот во грев и за радосната вест содржана во Божјото милостиво ветување, па така се понадевал во Искупителот којшто требало да дојде во иднина.
Меѓутоа, после раѓањето на неговиот прв син, Енох стекнал едно поголемо искуство, дошол во едно потесно сродство со Бога. Попотполно ги сфатил своите обврски и должности што ги имал кон Бога како Негово дете. Кога видел колкава е љубовта на детето кон таткото, како тоа едноставно му се доверува во негова грижа и заштита, кога ја почувствувал длабоката и искрена нежост на сопственото срце кон својот првороден син, дури тогаш стекнал драгоцено и вистинско спознание за чудесната Божја љубов покажана во тоа што својот Син го дал за спасение на луѓето, и за довербата што Божјите деца му ја должат на својот небесен Татко. Бесконечната и необјаснива Божја љубов станала предмет на негово деноноќно проучување; и со целиот жар на својата душа настојувал таа љубов да им ја открие на луѓето меѓу коишто живеел.
Енох одел со Бога не во некаков занес или фантазија, туку во стварните должности на секојдневниот живот. Во семејството и во контактирањето со останатите луѓе, како сопруг и татко, како пријател и граѓанин, секогаш бил непоколеблив Божји слуга.