МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)
„А кога ќе дојде Тој, ќе го увери (осведочи) светот за грев и за правда и за суд. За грев зашто не веруваа во Мене.“ (Јован 16:8.9; Библија)
Улогата на Светиот Дух е јасно одредена со Христовите зборови: „А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд.“ Светиот Дух ја обвинува и ја осведочува душата за грев. Кога грешникот ќе му се предаде на живототворното делување на Светиот Дух, тој ќе биде наведен на покајание и ќе се запознае со важноста на послушноста на божествените барања.
Савле потполно ја сфатил сета погрешност на својот пат и далекусежноста на барањата на Божјиот Закон дури откако потполно ѝ се предал на убедувачката сила на Светиот Дух. Тој, којшто бил горделив фарисеј, уверен дека може да се оправда со своите добри дела, сега се поклонува пред Бога со понизност и едноставност на дете, признавајќи ја својата недостојност и потпирајќи се во молитвата само на заслугите на распнатиот и воскреснатиот Спасител. Савле копнеел за потполна хармонија и заедница со Таткото и Синот, и сакајќи од цело срце да му биде простено и да биде примен, искрено се молел пред престолот на милоста.
Тие молитви на фарисејот кој се каел не биле залудни. Со силата на Божјата милост се промениле најдлабоките расипани мисли и чувства во неговото срце, а неговите благородни особини дошле во склад со вечните Божји цели. Христос и Неговата праведност за Савле станале повредни од материјалното богатство на целиот свет.
Обраќањето на Савле претставува прекрасен доказ за чудотворната моќ на Светиот Дух, грешникот да го осведочи за неговата вина.
Моќната сила на Светиот Дух може да ја совлада и да ја потчини сатанската власт. Светиот Дух е Тој Којшто душата ја осведочува за грев и го истерува гревот од срцето, ако човекот се сложи на тоа.
Со заслугите на Христовата милост човекот може да се оспособи да ги користи само благородните сили на своето битие и да се ослободи од гревот.