МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(6 – 12 декември: Исполнување на ветувањата за вечниот живот)
„Големи и прекрасни се Твоите дела Господи Боже, Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта – Цару на народите.“ (Откровение 15:3; Библија)
Тој ден искупените ќе засјаат во славата на Небесниот Татко и во славата на Неговиот Син. Свирејќи на своите златни харфи, ангелите ќе Му посакаат добредојде на својот Цар и на оние кои претставуваат трофеи на Неговата победа, оние кои ги испрале и избелиле облеките на својот карактер во крвта на Јагнето. Песни на победа, складно одѕвонувајќи, ќе го исполнат целото небо.
Христос победи. Тој доаѓа во небесните дворови, следен од безбројното мноштво на искупени, кои претставуваат непобитно сведоштво дека Неговата мисија, страдање и жртва не биле залудни.
Високо над градот, на подножјето од блескотно злато стои Неговиот престол, висок и возвишен. На тој престол седи Синот Божји, а околу Него поданиците на Неговото царство. Силата и Христовото величеството не може да ги опише ниту еден јазик, ниту едно перо. Славата на Вечниот Небесен Татко го опкружува Неговиот Син. Сјајот на Неговото присуство го исполнува Божјиот град и се разлева надвор од него, распростирајќи се во своите блескотни зраци по целата земја.
Најблиску до престолот се оние кои што некогаш ревнувале за сатаната, но кои што подоцна како „гламњи истргани од огнот“ Го следеле Спасителот во најдлабока оданост. Веднаш до нив се оние кои што среде измамите и безверието го усовршиле својот христијански карактер, потоа оние кои што го почитувале Божјиот Закон и тогаш кога христијанскиот свет го прогласувал за безвреден и ништожен, и милиони верници од сите времиња кои поради својата вера умреле со маченичка смрт. А позади нив е голем народ кој никој не може да го изброи, од секој јазик, и колено, и народ и племе, пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палми во своите раце. Нивната борба е завршена, победата е добиена.
Во присуство на насобраните жители на небото и на земјата се изведува конечното крунисување на Божјиот Син.