МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(3 – 9 мај: Одржување на физичките сили)
„Што и да имаш намера да правиш, направи го додека можеш.“ (Проповедник 9:10; Библија)
Исусовиот живот на земјата бил исполнет со марлива работа, и додека ги извршувал различните обврски во склад со развојот на своите физички сили, Тој доста се движел. Вршејќи ја задачата што Му била поставена, немал време да им се оддава на возбудливите и бескорисни задоволства. Тој се учел на корисна работа, но исто така бил подготвен и да поднесува тешкотии и неволји.
Христовиот живот претставува вистински пример за младите и децата. Своето детство и младост ги поминал под животни услови поволни за физички развој и за стекнување на морална сила, за да им се спротивстави на искушенијата, и така можел да остане неизвалкан, среде изопачениот, по зло познат, Назарет.
Воспитувањето што Исус го стекнувал за времето додека им бил потчинет на овоземските родители, било многу драгоцено.
Со физичкото и умното ангажирање коешто било неопходно за извршување на Неговите задачи, ги развивал своите физички и умни сили. Со животот на постојана марливост и повлеченост, ги затворал приодите преку кои сатаната би можел да му пријде и да го искушува преку љубовта кон суетата и фалбаџиството. Развивајќи и јакнејќи ги на тој начин своите физички и умни сили се припремал за важните должности коишто Го очекувале во Неговиот подоцнежен живот.
Исус бил ревносен и истраен работник. Никогаш меѓу луѓето не живеел човек толку оптеретен со одговорности, никој друг не носел толку тешко бреме на патила и грев на целиот свет. Никој никогаш не се напрегал со толкава ревност и самопожртвување за добробит на луѓето. Па сепак, Неговиот живот бил живот на здравје, и физичко, и духовно. Тој претставувал одличие на „кроткото и пречисто Јагне”. И со телото, и со душата, Тој бил пример на она што, според божествената намера, би требало да биде целото човештво со послушноста кон Божјите закони.