МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(7 – 13 јуни: Сигурен пат до вистинската среќа)
„И Господ ни нареди да ги исполнуваме сите овие наредби со стравопочитување кон Господа, кон својот Бог, за да бидеме секогаш среќни и за да живееме, како што е тоа денес. И така нашата праведност ќе биде: да ги пазиме и да ги вршиме сите овие заповеди пред Господа, нашиот Бог, како што ни нареди.“ (Второзаконие 6:24-26; Библија)
Среќата мора да се бара на вистинскиот пат и на вистинскиот извор. Некои мислат дека среќата сигурно ќе ја најдат во попуштање на грешните задоволства и во измамливите привлечности на овој свет. Некои, тежнеејќи да ја пронајдат среќата, ги жртвуваат своите морални и физички обврски, и на крајот ги губат и телото и душата.
Други пак мислат дека среќата се наоѓа во попуштањето на неприродните барања и апетити, и сметаат дека задоволувањето на вкусот е поважно отколку здравјето и животот.
Мнозина страдаат оддавајќи им се на чулните страсти, и ги жртвуваат сите свои физички, умни и морални сили за да си ги задоволат желбите. Мнозина поради тоа прерано одат в гроб, и на Божјиот суд ќе мора да одговараат за самоубиство.
Дали навистина треба да се посакува среќата којашто се наоѓа на патот на непослушноста и кршење на физичките и моралните закони? Христовиот живот укажува на вистинскиот извор на среќата и на начинот на којшто таа може да се оствари. Оние, коишто навистина сакаат вистински да бидат среќни, треба со радосни срца да ја вршат својата должност, работејќи го совесно и верно сето она што се бара од нив, усогласувајќи го своето срце и својот живот според совршениот Пример – Исус Христос.
Животот и среќата, здравјето и радоста на луѓето, жените и децата, зависат од нивната послушност на Божјиот Закон. Послушноста е важна за нивното добро, и во овој, и во идниот живот.
Каде можеме да најдеме поверен водач отколку што е единствениот и вистински Бог? Каде можеме да најдеме посигурен пат, отколку што е оној по којшто нѐ води Христос? Одејќи по Него, никогаш нема да се најдеме на погрешен, несигурен и зол пат.
Патот на послушноста кон Бога е пат на доблест, здравје и среќа.