МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(5 – 11 јули: Благодетите на општествениот живот)
„Како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг.“ (Јован 13:34; Библија)
Вредноста и значењето на учтивоста навистина премалку се ценат. На мнозина коишто се со добри и благи срца им недостасува љубезност во однесувањето. Мнозина коишто за својата искреност и исправност заслужуваат пофалба и почитување, тажно оскудеваат со добрина. Тој недостаток ја уништува нивната среќа и го намалува нивниот успех во службата за другите. Животната среќа и најкорисните искуства, мнозина од чиста непромисленост ги жртвуваат токму поради својата неучтивост.
Светите списи (Библијата) ни даваат истакнати примери на вистинска учтивост. Аврам бил Божји човек. Кај и да ги поставувал своите шатори, тој подигал и олтар за принесување на жртви и Го повикувал Бога да биде со него. Аврам бил исклучително учтив. Неговиот живот не бил извалкан со себичност, којашто е толку непожелна особина во карактерот на човекот и толку одвратна во Божјите очи. Да обрнеме внимание на неговото однесување кога требало да се одвои од Лот. Иако Лот како негов внук бил многу помлад од него, иако предноста на избор по сите правила му припаѓала на Аврама, тој се одрекол од своето право, и му препуштил на Лот за себе да ги избере оние предели на земја коишто му се чинеле најпожелни. Да го погледнеме како љубезно дочекува тројца патници, еден жежок летен ден, и брза да се погрижи за нивните потреби. Како благородно се ангажира во деловните односи со Хетовите синови, купувајќи гробно место за својата почината сопруга. Иако притиснат со болка и тага, тој не заборава да биде учтив. Иако пред Бога признат, тој се поклонува пред нив. Аврам знаел што е вистинска учтивост и како треба да се однесува кон своите ближни.
Ние треба да заборавиме на себе барајќи можност да ги развеселиме другите, и нивните товари, тага и грижи, ги ублажиме со нежна љубезност и со ситни докази на љубов. Со тие внимателно изведени постапки на учтивост, кои, најнапред почнувајќи во семејството, се шират и надвор од семејниот круг, можеме да го надополниме збирот на поединостите кои животот го прават среќен.