МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(6 – 12 септември: Примери на посветен живот)

„Зашто, Господ го љуби Својот народ, со спасение ги овенчува кротките.“ (Псалм 149:4, Библија)

Најдрагоцениот плод на посветувањето е кротоста. Кога оваа доблест претставува раководечко начело во душата, таа пресудно влијае и на формирањето на склоностите. Тогаш душата постојано се потпира на Бога и драговолно се потчинува на Неговата волја. Разумот ја прифаќа секоја божествена вистина и без било каков сомнеж или противење, му се покорува на секој Негов пропис. Вистинската кротост го потчинува и разбива срцето, а умот го прави прикладен за Божјото Слово длабоко да се вреже во него. Таа ги доведува мислите во покорност на Исуса Христа. Таа ги отвара срцата на слушателите Божјото Слово да ја слушаат како што ја слушала Лидија и да седат внимателно покрај Христовите нозе како Марија. Ги упатува „кротките на вистината и ги учи понизните да одат по Неговите патишта.“

Јазикот на кротките никогаш нема фаленички да се воздигнува над другите, туку како малиот Самоил ќе биде подготвен да каже: „Зборувај Господе, Твојот слуга слуша.“ Кога Исус Навин бил поставен на највисока положба, како војсководец на Израел, тој смело и предизвикувачки излегувал пред сите Божји непријатели. Срцето му било исполнето со мисли коишто одговарале на големината на неговиот позив. Па сепак, кога го слушнал навестувањето на небесната порака, тој кротко се ставил во положба на мало дете, подготвен да послуша, велејќи: „Што заповеда Господарот мој на слугата свој?“

Кротоста во Христовото училиште претставува еден од многу важните плодови на Духот. Тоа е навистина доблест со којашто Светиот Дух ги украсува и ги облагородува оние што ја поседуваат, контролирајќи го секогаш грубото однесување.

Кротоста е внатрешен украс на душата, нешто што Бог најмногу го цени… Оној кој што го украсил небесниот свод со блескавите небесни тела, со истиот дух ги украсува и кротките, спасувајќи ги. Небесните ангели оние коишто со вера се потпираат на Господа Исуса Христа, следејќи Го со вистинска кротост и понизност, ќе ги регистрираат во небесните книги како најдрагоцени украси.

Pin It on Pinterest