МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 7 ноември: Опременост за победа)

„Ја облече праведноста како оклоп, го стави на главата шлемот на спасението. Со одмаздата се облече како со облека, со ревноста се наметна како со наметка.“ (Исаија 59:17; Библија)

Мнозина имаат нејасна претстава во поглед на обратувањето. Често слушале како од проповедалната се повторувале зборовите: „Потребно е наново да се родите“, „мора да имате ново срце“. Овие изрази ги збунувале и не можеле да го сфатат планот на спасението. Мнозина се спрепнуваат и пропаѓаат поради погрешните учења кои ги истакнуваат некои проповедници кога зборуваат за промената којашто, наводно, настанува при обратувањето. Поединци тагуваат со години, очекувајќи некои видливи докази дека Бог навистина ги прифатил. Во многу нешта тие се одвоиле од светот, и наоѓаат задоволство во дружење со Божјиот народ; а сепак не се осудуваат јавно да Го исповедаат Христа, бидејќи се плашат дека тврдењето дека се Божји деца би било дрско престапување на дозволеното. Тие постојано ја очекуваат таа посебна промена која што е, како што се наведени да веруваат, поврзана со обратувањето.

После извесно време некои такви го добиваат очекуваниот доказ дека навистина се прифатени од Бога, и тоа ги наведува да се поистоветат со Неговиот народ. Тоа тие го сметаат дека е моментот на нивното обратување. Но, тие уште пред тоа биле примени во Божјото семејство. Бог ги прифатил уште тогаш кога, почувствувајќи се уморни од гревот, ја изгубиле желбата за световни задоволства и одлучиле искрено да Го побараат Бога. Меѓутоа, пропуштајќи да ја сфатат едноставноста на планот на спасението, изгубиле многу предности и благодети на коишто имале право само ако, во моментот кога за прв пат Му се обратиле на Бога, поверувале дека Тој навистина ги прифаќа.

Други паѓаат во уште поопасна заблуда, поведувајќи се според моменталните чувства. Кога нивните склоности ќе бидат возбудени од нешто, тие тој излив на чувства го сметаат за очевиден доказ дека Бог ги прима и дека се обратени. Меѓутоа, начелата на нивниот живот остануваат непроменети. Доказите за вистинското делување на Христовата благодат на срцето не се искажуваат преку чувствата, туку во животот.

Pin It on Pinterest