МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(5 – 11 јули: Благодетите на општествениот живот)
„Никого да не хулат, да не се препираат, да бидат благородни, покажувајќи секаква кротост кон сите луѓе.“ (Тит 3:2; Библија)
Суштината на вистинската учтивост е внимание кон другите. Најважно и најнепоминливо образование е она кое поттикнува на сочувство и љубезност кон секого. Таканаречената култура којашто младите не ги наведува да им бидат послушни на родителите, да ги ценат нивните доблести, стрпливо да ги поднесуваат нивните недостатоци, помагајќи им во нивните потреби; културата којашто не ги прави внимателни и нежни, великодушни и подготвени да им помогнат, и на младите, и на постарите, и на несреќните, и којашто не ги прави учтиви кон секого – таквата култура е чисто промашување.
Вистинската благородност на мислите и однесувањето попрво може да се стекне во училиштето на божествениот учител отколку со било какво придржување според вообичаени правила и прописи. Неговата љубов, којашто го обзема срцето што ја прима, го облагородува карактерот и го обликува според Неговиот карактер. Таквото воспитување навистина донесува небесно достоинство и чувство на пристојност. Ова на човечката природа ѝ дава пријатност, а на однесувањето отменост, која никогаш не може да ја даде површната учтивост на современото општество.
Библијата нѐ поучува на учтивост, и ни покажува многу примери на несебичен дух, благородна убавина и вистински пријатен темперамент, што се обележја на вистинската учтивост. Сето тоа, сепак, претставува само одсјај на Христовиот карактер. Секоја вистинска нежност и учтивост на овој свет, дури и меѓу оние кои не го признаваат Неговото име, доаѓа од Него. Тој сака тие особини совршено да се огледуваат во однесувањето на Неговите деца. Негова намера е луѓето во нас да ја гледаат Неговата убавина.
Какви изливи на благодат, добрина и убавина на карактерот можат да се видат во секојдневниот живот на нашиот Спасител! Каква убавина зрачела од самото Негово присуство! Оние во коишто пребива Христовиот Дух ги опкружува небесна атмосфера. Белата облека на нивната чистота дише со мирис од Господовата градина.