МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)

„Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.” (Откровение 19:10; Библија)

На Бога му било по волја Својата вистина да му ја соопшти на светот преку човечките орудија, и таквите избрани поединци Тој со Својот Свети Дух ги оспособил за тоа и им овозможил да го извршат тоа дело. Тој го водел нивниот ум кога требало да одлучуваат што ќе кажат и што ќе напишат. Тоа богатство им било доверено на луѓето, како на „садови од земја“, но и покрај тоа, има небесно потекло. Сведоштвото е пренесено до нас со посредство на несовршениот израз на човечкиот јазик, но тоа сепак е Божјо сведоштво; и послушното и верно Божјо дете во него ја гледа славата на божествената сила полна со милост и вистина.

Во Своето Слово, Бог на луѓето им дал сѐ што е неопходно за спасение. Светите Списи на Неговата Реч треба да ги прифатиме како единствено авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја.

Изнесувана и објавувана преку разни поединци, вистината е изложена од своите различни страни. Еден писател е повеќе под впечатокот на една страна на одреден предмет; тој ги сфаќа и ги обработува оние точки коишто се во склад со неговото искуство или со неговата способност на претставување и разбирање; друг пак го набљудува истиот предмет од некоја друга страна; и така, секој, под водството на Светиот Дух, го изнесува она што на него оставило најсилен впечаток. Значи, различни аспекти на вистината кај секој поединец, но потполна согласност кај сите заедно. Така, вистините откриени на овој начин сочинуваат совршена целина, прилагодена според потребите на луѓето во сите животни околности и искуства.

Па сепак, фактот дека Бог Својата волја на луѓето им ја открива на ваков начин во Своето пишано Слово, не ја исклучува потребата од постојаното присуство и водство на Светиот Дух. Напротив, Спасителот ветил дека ќе им Го прати на своите слуги за да им го открие Неговото Слово и за да им ја расветли примената на нејзините учења. А бидејќи Библијата е напишана под вдахновение на Светиот Дух, невозможно е учењето на Светиот Дух да биде спротивно на учењето на напишаното Слово.

Pin It on Pinterest