МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(5 – 11 април: Напредување во благодатта)
„Но Бог, Кој е богат во милост – поради Својата голема љубов со која нè возљуби нас, нè оживе заедно со Христа и нас, кои бевме мртви поради нашите гревови… и со Него нè воскресна и со Него нè седна во небесните места, во Христа Исуса, та, во идните векови да го покаже преголемото богатство на Својата благодат, според Својата добрина кон нас во Христа Исуса.“ (Ефесјаните 2:4-7; Библија)
Да не сме паднале во грев никогаш не би можеле да го сфатиме значењето на тој прекрасен збор „милост“. Бог ги сака и ангелите, кои не престануваат да Му служат и да го извршуваат секој Негов налог, но ним не е потребно да им се укажува милост. Тие небесни суштества не знаат ништо за милоста, ним милоста никогаш не им била потребна, затоа што никогаш не погрешиле. Божјата милост е особина која Тој незаслужено им ја укажува на човечките суштества. Ние не сме ја барале, но Бог благодарејќи ѝ токму на оваа голема милост нѐ бара нас. Бог радо му ја укажува милоста на секој од нас ако почувствуваме потреба за неа, не затоа што сме достојни за тоа, туку токму поради тоа што потполно сме недостојни. Нашата потреба претставува квалификација која ни гарантира дека навистина ќе го примиме овој дар.
Но Божјата милост во никој случај не ги остава настрана барањата на Неговиот Закон, ниту пак го завзема неговото место. „На Господа Му се свиде заради Неговата праведност да го возвеличи и прослави Законот.“ (Исаија 42:21; Библија) Неговиот Закон е вистина.
Божјата милост и Законот на Неговото Царство се во совршен склад, и одат рака под рака. Со Својата милост Тој ни овозможува да Му се приближиме со вера. Прифаќајќи ја Неговата милост и дозволувајќи ѝ да делува во нашиот живот, ние ја потврдуваме полноважноста на Неговиот Закон. Ние, всушност, го воздигаме Законот и го прославуваме, спроведувајќи ги Неговите животни начела.
На кој начин можеме вистински да сведочиме за Бога? Ако несебично и со сето срце му се покоруваме на Неговиот Закон. Ако Му ја предадеме својата волја, Тој ќе се открие во нас, и ние пред целата вселена и пред овој свет што го гази Неговиот свет Закон, ќе бидеме сведоци за силата на искупението. Постои само една сила која може да нѐ доведе во потполна согласност и сличност со Христа, која може да нѐ направи постојани и цврсти до крајот. Тоа е милоста Божја што ја добиваме со послушноста на Неговиот Закон.