МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(4 – 10 октомври: Стравопочит во мојот живот)

„Свето е и страшно Неговото Име!“ (Псалм 111:9; Библија)

Стравопочитување треба да се покажува и кон Божјото Име. Тоа свето име никогаш не треба да се изговара лесно или непромислено. Дури и во молитва треба да се избегнува честото и непотребно повторување на тоа возвишено име.

Оние, коишто стапуваат во заветен однос со Бога, свечено се обврзуваат дека за Него ќе зборуваат со најголемо внимание и со стравопочит.

Вообичаените клетви во коишто се употребува тоа свето име и сите слични зборови во стилот на такво заколнување, претставуваат обесчестување на Бога. Господ го гледа и го слуша сето тоа, и престапникот нема да остане без вина. „Бог не дозволува да биде изигран.“ (Галатјаните 6:7; Библија) Оние коишто напразно го изговараат Господовото име ќе видат „како е страшно да се падне во рацете на живиот Бог“. (Евреите 10:31; Библија)

Со лекомисленото спомнување на името на Семоќниот во вообичаениот разговор, повикувајќи се на Него во неважни нешта, и со честото повторување на Неговото име, не размислувајќи воопшто за тоа што сме кажале, ние Го обесчестуваме.

Мнозина воопшто немаат претстава за Божјата светост, и често залудно го земаат Неговото свето, и достојно за почит, име, не помислувајќи дека зборуваат за Бога, Големиот и страшен Бог. Мнозина во молитвата лекомислено и без стравопочит повторуваат изрази со кои Го жалостат Господовиот Дух, и поради тоа небото не ги прифаќа нивните молитви.

Никогаш и на никаков начин не смееме лекомислено да ги употребуваме обележјата и називите на Божеството. Кога се молиме, ние всушност влегуваме во салата за прием кај Највисокиот, а пред Него треба да се излегува со свето и длабоко стравопочитување. Во Неговото присуство ангелите го покриваат своето лице. Приоѓајќи му на Неговиот престол, херувимите и блескаво возвишените серафими длабоко се поклонуваат со свето стравопочитување. Со колку ли повеќе стравопочитување треба да излегуваме пред Господа како пред свој Творец, ние како смртни и грешни суштества!

Pin It on Pinterest