МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)
„Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги – пророците.“ (Амос 3:7; Библија)
Пред појавата на гревот, Адам имал среќа непосредно да разговара со својот Творец; но откако човекот со својот престап се одвоил од Бога, оваа голема предност му е ускратена на човечкиот род. Меѓутоа, со планот на искупувањето е отворен пат преку кој жителите на земјата сѐ уште можат да одржуваат врска со небото. Со посредство на Својот Дух, Бог ја одржувал врската со луѓето, а божествената светлина му била упатувана на светот преку откровенијата дадени на Неговите избрани слуги. „Светите Божји луѓе зборувале носени од Светиот Дух.“ (2 Петрово 1:21; Библија)
Бесконечниот Бог со помошта на Својот Свети Дух им ги просветлувал умовите и срцата на Своите слуги. Им давал соништа и визии, симболи и слики, а оние на коишто вистината им била откриена на таков начин, самите си ги оформувале мислите и ги изразувале со човечки зборови.
„Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги – пророците.”
Во Своето провидение, Господ наоѓал потреба да го поучува Својот народ, советува и води на најразлични начини. Својата волја им ја ставал на знаење на луѓето со непосредна заповед, преку Светите Списи и преку Духот на пророштвото.
Во старите времиња, Бог на луѓето им зборувал преку устата на пророците и апостолите. Во овие денови Тој им зборува преку Сведоштвата на Својот Дух. Бог никогаш поревносно од денес не ги поучува припадниците на Својот народ во поглед на Својата волја и патот по кој Тој сака тие да одат.
За денешната Божја Црква на земјата, за чуварите на неговото лозје, од огромно значење се пораките, советите и опомените дадени преку пророците, коишто јасно ги изложиле Неговите вечни намери во поглед на човечкиот род. Во учењето на пророците се јасно изложени Божјата љубов кон паднатиот род и Неговиот план за спасение на изгубените.