МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 5 септември: Посветување)

„Радувајте се секогаш во Господа! Пак ви велам: радувајте се!” (Филипјаните 4:4, Библија)   

Благодарејќи ѝ на Христовите заслуги заблудените Адамови синови можат да станат Божји синови (Јов 1:12). „Зашто и Оној Кој осветува и оние кои се осветувани, сите се од Еден; затоа не се срами да ги нарече браќа“ (Евреите 2:11). Животот на христијанинот треба да биде живот на вера, победа и радост во Бога. „Зашто секој што е роден од Бога го победува светот“, (1-во Јованово 5:4). Навистина „Господовата радост е наша сила“, како што има кажано Божјиот слуга Немија (Немија 8:10). А Павле пишува: „Радувајте се секогаш во Господа! Пак ви велам: радувајте се!“ (Филипјаните 4:4). “Радувајте се секогаш. Молете постојано! Благодарете за сè, зашто тоа е Божјата волја за вас во Христа Исуса!“ (1 Солунјаните 5:16-18).

Такви се плодовите на библиското обратување и посветување.

Природата на вистински обратениот човек е толку обземена со љубовта кон Бога и своите ближни што тој секогаш е подготвен да прави Христови дела.   

Сите коишто ќе дојдат во сферата на неговото влијание ја чувствуваат убавината и милиот мирис на неговиот христијански живот, додека тој самиот не е ниту свесен за тоа, затоа што тоа што го прави е во склад со неговите навики и склоности. Тој се моли за божествена светлина и со задоволство оди во таа светлина. Неговото јадење и пиење е да ја твори волјата на својот божествен Татко. Неговиот живот е сокриен со Христа во Бога, но тој воопшто не се фали со тоа, како да не е ни свесен за тоа.

Бог им се радува на понизните и кротките коишто верно го следат примерот на својот Учител. Таквите се многу привлечни за Божјите ангели коишто верно ги следат на нивните патишта. Тие можат да останат и незабележани и потценети од страна на оние коишто фаленички се воздигаат со некои свои заслуги и добри дела; но небесните ангели со задоволство бдеат над нив, опркужувајќи ги со еден вид огнен ѕид. Можноста да се стане Божји наследник и Христов сонаследник е најголемата привилегија дадена на човекот.

 

Pin It on Pinterest