МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 7 ноември: Опременост за победа)
„Обујте ги нозете во ревноста за Евангелието на мирот!“ (Ефесјаните 6:15; Библија)
Господ доаѓа наскоро. Зборувајте за тоа, молете се за тоа, верувајте во тоа. Направете го тоа да биде составен дел на вашиот живот.
Ние живееме среде вистинска „епидемија на злоба“ пред која сериозните и богобојазливи луѓе ширум светот стојат запрепастени.
Човечкото перо не е во состојба да ја опише изопаченоста којашто владее. Секој ден донесува нови откритија на политички судири, подмитувања и измами. Дневните вести го погодуваат срцето со сѐ почестите записи за најразлични злосторства и беззаконија, за потполна рамнодушност кон човечките патила, за свирепо и нехумано уништување на човечките животи. Секој ден сведочи за сѐ поголем број на убиства, самоубиства и умоболност.
Кој уште може да се посомнева во фактот дека сатанските сили ја зајакнале својата активност помеѓу луѓето, настојувајќи да им го помрачат и поматат умот, и да им го извалкаат и уништат телото.
И додека светот е преплавен со овие злосторства, Евангелието често се изнесува толку немарно и незаинтересирано што остава незначителен впечаток на совеста и животот на луѓето.
На сите страни наидуваме на човечки суштества чиишто срца тежнеат за нешто што сега го немаат. Тие тежнеат за сила којашто дава победа над гревот, за сила којашто ослободува од робувањето на сатаната, за сила којашто дава здравје, живот и спокојство. Мнозина коишто некогаш ја запознале силата на Божјата Реч се задржале таму каде што не може да се запознае Бог, и копнеат за божествено присуство.
На светот и денес е неопходно да му се открие Христос исто како што било неопходно пред скоро дваесет векови.
Неопходно е исто така и едно големо дело на реформа, а тоа дело на обнова на телото, душата и духот е можно да се оствари само благодарејќи на Христовата милост.
За сета беда и несреќа којашто ја донел гревот на оваа земја лекот се наоѓа само во Евангелието.