МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 4 Јули: Социјален живот)

„На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сè, та по секаков начин да спасам некои.“ (1 Коринтјаните 9:22; Библија)

Секој од нас треба сериозно да размислува како може да стане најкорисен и на кој начин може најдобро да послужи на благослов на оние со коишто се дружи.

Сите коишто тврдат дека се Божји деца мораат секогаш да имаат на ум дека практично се мисионери кои во својата работа доаѓаат во контакт со луѓе со најразлични склоности и особини. Има луѓе кои се невистинити и неискрени во постапките со своите ближни. Тие можат да бидат аристократски настроени, суетни, горделиви, лекомислени, независни, незадоволни, со паднат дух, обесхрабрени, фанатици, себични, малодушни, плашливци, пречувствителни, вообразени, расипници, неучтиви и површни. Со луѓе со толку различни склоности и темпераменти не може да се постапува исто. Но сепак, било да се богати или сиромашни, мали или големи, зависни или слободни, сите чувствуваат потреба за љубезност, сочувство, вистина и љубов. Преку взаемното контактирање со другите, ние треба да се градиме и облагородуваме. Ние зависиме едни од други, па затоа да настојуваме што потесно да се поврзиме меѓусебно со врски на човечко братство.

Благодарејќи ѝ токму на таквите општествени односи, христијанството доаѓа во контакт со светот. Секоја личност што ја вкусила Христовата љубов и го примила во своето срце божественото просветлување, Бог ја повикува да ја осветлува животната патека на оние кои сѐ уште не дознале за подобриот пат.

Ние сме должни да го исповедаме Христа, отворено и одлучно, покажувајќи ја во својот карактер Неговата кротост, понизност и љубов, сѐ додека луѓето не станат обземени од убавината на светоста. Општественото влијание, посветено на Христовиот Дух, мора да се искористи во приведувањето на нови души. Христос во нас треба да биде како извор на жива вода која тече во вечен живот, освежувајќи ги сите оние коишто доаѓаат во контакт со нас.

Pin It on Pinterest