МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 4 април: Христијанско растење)

„А ти, Божји човеку, бегај од сè тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост, кротост!“ (1 Тимотеј 6:11; Библија)

За да ја стекнеме добродетелта на вистинската побожност, мораме да одржуваме постојана и тесна поврзаност со небото. Христос мора да биде гост во нашиот дом и член на нашето домаќинство, ако сакаме да го одржуваме Неговиот лик и да бидеме синови и ќерќи на Севишниот. Верата е нешто најубаво и највозвишено што можеме да го имаме во своето семејство. Ако Божјото присуство е меѓу нас, ние уште овде ќе чувствуваме дека сме членови на Христовото небесно семејство. Ќе чувствуваме дека ангелите бдеат над нас, а во нашите постапки ќе се огледува благородност и воздржаност.

Енох живеел еднакво по Божјата волја. Тој Го славел Бога во сите животни случувања. Во својот дом и во своите работни потфати секогаш се прашувал: „Дали ова е прифатливо за Господа, и дали тоа Тој може да го одобри?“ Размислувајќи постојано за Бога и држејќи се до Неговите совети, тој се преобразувал во карактерот, и станувал Божји човек, така неговиот пат бил по Божјата волја.

Апостолот Петар нѐ охрабрува дека на побожноста треба да ѝ додадеме и братољубие. О, колку е потребно да го превземеме и овој чекор, на изградбата на својот карактер да ѝ ја додадеме и оваа добродетел! Кон другите треба да имаме таква љубов каква што Христос покажува кон нас. Човекот треба да го цениме онака како што го цени небото. Ако тој е нељубезен во својот овоземски дом, тој не е достоен ниту за небесниот дом. Ако тој оди по сопствен пат без оглед на тоа колку со тоа ги жалости другите, тој не би бил задоволен ниту на небото, освен ако сѐ биде како тој што посакува.

Христовата љубов мора да владее со нашето срце. Барајте го Господа со понизен и смирен дух, и ќе бидете обземени со сочувство и сомилост кон своите ближни. Ќе бидете подготвени на стекнатите добродети да ѝ додадете и братољубие и љубов. Тоа ќе нѐ доведува сѐ поблизу до небото. Правејќи така ќе имаме мир и утеха во Бога. Тоа се чекори кои што нѐ воздигаат во атмосферата на небото.

Pin It on Pinterest