МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(30 – 31 август: Награда за верноста во службата)
„Разумните ќе блескаат како сјајниот небесен свод, и кои ги учеа мнозината на праведност, како ѕвезди довека, во сета вечност.“ (Даниел 12:3; Библија)
Оној кој секому му одредил работа според неговите способности, нема да дозволи верното исполнување на должноста да остане ненаградено. Секој чин на посветеност и вера ќе биде крунисан со посебни знаци на Божјото одобрување и со Негова пофалба. На секој работник кој „оди и плаче носејќи семе да сее“, му се дава ветувањето: „Ќе појде со песна носејќи ги своите снопови.“ (Псалм 126:6; Библија)
Колку скромна и краткотрајна да е нашата служба и нашиот успех, ако во понизност и вера Го следиме Христа нема да бидеме разочарани со наградата, затоа што и најслабите и најскромните ќе го примат она што не би можеле да го заработат ниту најголемите ниту најмудрите. Бисерните врати на небото, чии вечни портали ширум се отвораат и на треперливиот допир на дете, нема да се отворат пред оние коишто се полни со самовоздигање, коишто се со горделив дух. Навистина благословени ќе бидат наградите на милоста за оние коишто службата за Бога ја вршеле во едноставноста на верата и љубовта. Оние коишто соработуваат во ова дело на својата глава ја носат круната на жртвата. Но ќе примаат и заслужена награда.
Оваа мисла треба да биде поттик и охрабрување за секој работник во Божјoто дело. Во овој живот, работата за Господа често изгледа бесплодна. Нашите напори да правиме добро често можат да бидат искрени и истрајни, па сепак можеби нема да ни биде дозволено да ги видиме резултатите од сето тоа. Можеби ќе ни се чини дека сите тие напори биле залудни. Но Спасителот не уверува дека нашето дело е запишано на небото и дека наградата сигурно нема да изостане.
Иако животот на оние кои верно ја вршат својата должност може да биде мачен, полн со самоодрекување и неуспешен според мислењето на луѓето, тој ќе биде успешен во очите на небото и ќе биде возвишен и почитуван пред Господа. „Разумните ќе блескаат како сјајниот небесен свод, и кои ги учеа мнозината на праведност, како ѕвезди довека, во сета вечност.“ (Даниел 12:3; Библија)