МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(25 – 31 октомври: Водството на ангелите во мојот живот)
„Еве, го испраќам Својот ангел пред тебе, да те чува патем и да те доведе во местото што ти го приготвив.“ (Излез 23:20; Библија)
Целото небо е ангажирано во приготвување на народот кој треба да опстане во денот Господен. Поврзаноста помеѓу небото и земјата е многу тесна.
Небесните суштества со најголема нестрпливост и ангажираност чекаат луѓето да ги запознаат со Бога, за тие да можат да станат нивни соработници во прикажувањето на Христа како Искупител на светот, полн со мудрост и вистина. Првата покајничка солза пролеана заради гревот создава голема радост меѓу ангелите во небесните дворови. Небесните весници едвај чекаат да полетаат во помош на душата што Го бара Христа.
Големо и славно е сето она што Господ го подготвил за оние што Го љубат. Ангелите со најголемо интересирање го очекуваат конечниот триумф на Божјиот народ, кога херувимите и серафимите заедно со илјада илјади и десет илјади по десет илјади ќе ги соединат своите гласови во триумфална песна на благодарност за посредничкиот подвиг во ослободувањето на човекот.
Христос ја платил цената на спасението за секој Адамов син и секоја Адамова ќерка. Тој предвидел толку многу милост и благодат што ниеден од нив не мора да пропадне, туку секој, само ако е подготвен да ги прифати понудените услови, да може да го наследи вечниот живот. Сите небесни ангели работат како Негови весници во придобивањето на луѓе за Бога.
Ангелите од светот на славата, својата радост ја наоѓаат во укажување на љубов на душите кои паднале и се необратени, и неуморно бдејат над нив.
Небесните суштества ги придобиваат срцата на луѓето донесувајќи во овој мрачен свет блескави зраци на светлина од небесните дворови. Со благородност и со стрпливо залагање тие ги поттикнуваат луѓето да ги доведуваат луѓето во заедништво со Христа кое понекогаш станува потесно отколку што и самите за тоа се свесни.