МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(29 и 30 ноември: Ветувања за победа)

„Пејте Му на Господа, Негови избраници и возфалете Го Неговото свето име! Зашто Неговиот гнев трае само еден миг, а Неговата добрина – цел живот. Плачот доаѓа навечер, а радоста наутро.“ (Псалм 30:5.4, Библија)     

Бришењето на Божјите ветувања од Неговото Слово би било исто како и да се тргне сонцето од небесниот свод. Тогаш би немало ништо што би внесувало радост во нашиот живот. Преку ветувањата што се запишани во Неговото Слово, Бог сака да нѐ наведе да имаме вера и доверба во Него. Во тие ветувања, Тој ја повлекува завесата од вечноста, давајќи ни можност барем понекогаш да погледнеме на вечната и голема слава која таму ги очекува победниците. Затоа, да останеме спокојни во Бога и да Го славиме зошто ни дава така величествени откровенија за Своите намери.      

Бог преку цвеќето на Своите ветувања го закитил нашиот животен пат за да го направи нашето патување попријатно и поубаво. Но многумина, наместо да го собираат тоа цвеќе, се заплеткуваат во трњето и чичката. Тие плачат и гунџаат на секој чекор, а би можеле да се радуваат во Господа што го направил толку пријатен патот кон небото.

Размислувајќи за Божјите ветувања, наоѓаме утеха, надеж и радост, затоа што во нив ги наоѓаме зборовите на Семоќниот упатени токму до нас. За да ги цениме тие ветувања, потребно е да ги проучуваме многу внимателно и детално. Колку ли радост би можеле да внесеме во својот живот, колку ли благородност во својот карактер кога би сфатиле дека тие ветувања Бог ги наменил токму за нас!   

Додека патуваме по патот кој сѐ повеќе нѐ воздига од овој свет, да разговараме за благословите со кои тој пат е осветлен.

Размислувајќи за даровите што Христос отишол да ги приготви за нас, ќе заборавиме на неважните непријатности кои ги доживуваме од ден на ден. Ќе имаме впечаток дека веќе ја вдишуваме атмосферата на новата земја кон која што патуваме, и ќе почувствуваме вистинско олеснување и утеха. Да Го славиме Бога сѐ повеќе, мислејќи во својот живот за Христа и за небесата.

Свеста за сигурноста на Божјите ветувања носи среќа, спокојство и мир.

Pin It on Pinterest