МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(26 – 30 aприл: Ширење на добро влијание)
„Зашто Јас го познавам него, тој ќе ги поучува своите деца и својот дом после него како да одат по Господовиот пат и да прават она што е праведно и добро, така да може Господ да го исполни она што му го вети на Авраама.“ (Битие 18:19; Библија)
Секое христијанско семејство треба да ја илустрира силата и возвишеноста на христијанското влијание пред светот.
Семејството чие членови се љубезни и учтиви христијани врши далекусежно влијание на добро. Другите семејства ги забележуваат резултатите на таквото воспитување и се угледуваат на нивниот пример, настојувајќи и своите деца да ги заштитат од валканото влијание.
Небесните ангели со задоволство го посетуваат домот во кој Божјата волја е највисок закон. Со силата на божествената милост таквиот дом станува место каде оние што на овој свет се чувствуваат само како странци и минувачи, исцрпени и уморни, наоѓаат вистинско освежување. Овде за себичноста и за сопственото „јас“ нема место. Се создаваат добри навики. Внимателно се води сметка за правата на другите. Верата што работи преку љубовта и ја прочистува душата секогаш е на кормилото, управувајќи со целото домаќинство. Едно добро насочено и добро дисциплинирано семејство зборува во корист на христијанството повеќе отколку сите проповеди што можат да се одржат.
Од едно пламенче, колку и да е мало, ако постојано гори, можат да се потпалат многу други светилки. Делокругот на нашето влијание можеби ќе изгледа тесен, нашите способности незначителни, животните прилики слаби, достигнувањата многу ограничени, но сепак ни се даваат прекрасни можности за верно и доследно вршење на должностите за коишто ни се укажува можност во сопствениот дом. Ако сме подготвени во своето срце и во својот дом да ги прифатиме божествените начела на животот, ќе станеме канали на живототворната сила. Од нашите домови ќе потече река која донесува здравје, живот, убавина и плодност таму каде што сега е неплодна пустина и оскудица.
Влијанието на грижливо насочуваниот христијански дом во годините на детството и младоста, е најсигурна заштита од изопаченоста на овој свет.