МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 5 септември: Посветување)

„Осветувајте се за да бидете свети, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог. Пазете ги Моите закони и исполнувајте ги, зашто Јас Господ ве осветувам вас.“ (Левит 20:7.8; Библија)

Адам и Ева се дрзнеле да ја престапат изричитата Божја заповед и страшните последици на нивниот грев треба да бидат опомена за нас никогаш да не се угледуваме на таков пример на непослушност. Вистинска посветеност може да се постигне само со потполна послушност кон вистината. Оние коишто Го љубат Бога со сето срце, со задоволство ќе им се покоруваат и на Неговите заповеди. Посветеното срце е секогаш во согласност со прописите на Божјиот Закон којшто е свет, вистинит и добар.

Оние коишто вистински се бојат од Бога и Го сакаат со сето срце нема да продолжуваат да го престапуваат Неговиот Закон ниту во една единствена поединост. Токму со престап човекот паѓа под осудата на Законот и тогаш Законот за него станува сличен на ропски јарем. Какво и да е неговото исповедање, тој не може да се оправда, ниту пак гревот му е простен.

„Господовиот Закон е совршен, ја крепи душата.“ (Псалм 19:7; Библија) Посветувањето на телото, душата и духот се стекнува само со послушност. Таквата посветеност е резултат на постојаниот духовен напредок и постојаното усовршување.

Нека живата вера како златна нитка се провлекува преку сето она што го правиме дури и во најситните животни должности; тогаш и секојдневната работа ќе допринесува за нашиот христијански раст и напредок. Секогаш ќе гледаме само на Исуса. Љубовта кон Него ќе ни дава животна сила во сè за што ќе се фатиме. Со правилна употреба на своите таланти ќе бидеме поврзани со повисокиот свет како со златни ланци. Тоа е вистинска посветеност, затоа што посветувањето се состои во радосното вршење на секојдневните должности и во совршеното покорување на Божјата волја.

Кога со сето срце сакаме да Му бидеме послушни на Бога, вложувајќи во тој правец крајни напори, Христос тоа го прифаќа како најдоброто што можеме да го направиме и нашите недостатоци ги надокнадува со Своите божествени заслуги.

Pin It on Pinterest