МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 7 ноември: Опременост за победа)
„И така стојте цврсто! Препашани со вистината преку бедрата, облечени во оклопот на правдата.“ (Ефесјаните 6:14; Библија)
Облечена во сета одбрамбена опрема, во Христовата правда, Црквата во својот финален судир ќе влезе „прекрасна како месечина, сјајна како сонце, страшна како војска под знамињата“, таа ќе помине низ целиот свет победувајќи и за да победи. (Песна над песните 6:10; Библија)
Само наметката која сам Христос ја приготвил за нас може да нѐ направи достојни да се појавиме во Божјото присуство. Таа наметка, облеката на Неговата сопствена правда, Христос ја става на секоја душа што се кае и поверува во Него. „Те советувам“, вели Тој, „да купиш од Мене бели облеки, за да се облечеш и да не се појави срамотата на твојата голота.“ (Откровение 3:18; Библија)
„Сета наша правда е како извалкани облеки“, сѐ што можеме сами да направиме е осквернавено од гревот. (Исаија 64:6; Библија) Но Синот Божји „се јави за да ги отстрани гревовите, а во Него нема грев“. Гревот во Божјата Реч се дефинира како „престап на Законот“. (1 Јованово 3:4.5; Библија) Меѓутоа, Христос бил послушен на сите прописи на Законот. Кога бил на земјата им рекол на Своите ученици: „Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко.“ (Јован 15:10; Библија)
Со Својата совршена послушност Тој му овозможил на секое човечко суштество да ѝ се покорува на Божјите заповеди. Кога потполно ќе Му се предадеме на Христа, ние го живееме Неговиот живот. Тоа значи да бидеме облечени во облеките на Неговата праведност. Тогаш кога Господ ќе погледне на нас нема да ја види покривката од смоквино лисје, ниту голотијата и одвратноста на гревот, туку облеките на Христовата праведност, коишто ја претставуваат послушноста на Законот Божји.
На секој поединец Бог му нуди помош да ги зајакне своите духовни нерви и мускули за време на пробата и искушенијата кои ќе дојдат на секого од нас.
Наложено ми е на сите да им ја пренесем пораката: Облечете се во сето оружје на Христовата правда. И правејќи сѐ што е во ваша моќ, сигурно ќе извојувате победа. На секоја душа ѝ се нуди драгоцена предност да опстане на Вековната Карпа.