МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 4 Јули: Социјален живот)
„’Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној, кој попадна среде разбојниците? ‘Тој рече: ‘Оној, кој му укажа милост.’ Исус му рече: ‘Оди и ти прави така.’“ (Лука 10:36.37; Библија)
Хростос дошол да ги сруши сите ѕидови на разделба. Со Својата служба, Тој покажал дека даровите на Неговата милост се толку неограничени со времето и просторот како воздухот, сончевата светлина и дождот што ја освежува земјата. Не правел разлика помеѓу сосед и странец, помеѓу пријател и непријател.
Ниту покрај едно човечко суштество не поминал незаинтересирано. Во какво и друштво да се нашол, изнесувал поука којашто одговарала на времето и на околностите. Секое запоставување или навреди коишто луѓето им ги нанесувале на своите ближни, го правеле уште посвесен, колку на таквите неволници им било потребно Неговото божествено-човечко сочувство. Им нудел надеж и на најзапоставените, и на оние коишто најмалку ветувале, уверувајќи ги дека и тие можат да станат беспрекорни и да го развијат карактерот со кои ќе посведочат дека се Божји деца.
Често се среќавал со несреќни, кои потполно ѝ се препуштиле на сатанската власт и немале сила да се ослободат од неговите окови. На таквите обесхрабрени, болни и паднати души, Христос им упатувал зборови со најнежно сочувство, зборови коишто, и покрај сите свои слабости, можеле да ги сфатат. Во средба со оние, коишто не се предавале во борба со непријателот, ги храбрел да истрајат, уверувајќи ги дека сигурно ќе успеат. На трпезата со цариникот, Тој седел како почитуван гостин, покажувајќи со Својата друштвеност и љубезност дека го цени достоинството на човекот, и луѓето копнееле по тоа да се удостојат за Неговата доверба.
Иако бил Евреин, Христос слободно се дружел со Самарјаните. Спиел со нив под ист покрив, јадел со нив на нивната трпеза, земајќи храна зготвена од нивните раце, учел по нивните улици и кон нив се однесувал со најголема љубезност и добрина. И додека со човечката наклоност ги придобил нивните срца, со Својата божествена милост им понудил спасение коешто Евреите го отфрлиле.