МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(2 – 8 август: Спасените треба да служат)

„Што и да правите, правете го од душата како за Господа, а не за луѓето.“  (Колосјаните 3:23; Библија)

Постои едно големо дело на земјата што треба да се изврши. Луѓето треба да бидат обратени, не, благодарејќи на странските јазици или на правењето на чуда, туку истакнувајќи Го Христа и тоа распнатиот. Зошто да се одложуваат напорите светот да го направиме подобар? Зошто да очекуваме некои чудесни појави, некои скапи апарати за да се направи сето тоа? Било каде да работиме: во продавница, во било каква работилница, на нива или во канцеларија, секогаш треба да се залагаме за спасение на душите.

Во животот има толку многу драгоцени можности да ги искористиме своите, од Бога дадени, способности на благослов и на добро на другите, а при тоа сепак, да не се воздигаме и величаме себе.

И неважните секојдневни околности понекогаш можат да се покажат како вистински благослов за оној што е принципиелен и којшто создал навика да постапува исправно затоа што така треба да постапува. Тежнејте кон совршенство на карактерот, и сѐ што правите, без оглед дали тоа го гледаат или ценат човечките очи, нека биде направено на слава на Оној, Кој сѐ гледа, затоа што Му припаѓате Нему и Тој ве откупил со Својата сопствена крв и живот. Бидете верни и совесни и во најнезначајните ситници како и во најголемите одговорности; учете се да ја зборувате вистината и секогаш и во сѐ да се држите до вистината. Предајте Му се и посветете Му се со сето срце на Бога.

Ако сте под контрола на Неговата милост, вие, со ситните постапки на внимание и добрина, вршејќи ја секоја должност што ќе ви се наложи, ќе внесувате сончеви зраци во својот карактер и живот колку што тоа е можно, а со даровите на љубов и благослови ќе ја опсипувате и патеката на другите околу вас. Вашето дело ќе биде далекусежно како вечноста. Вашето животно дело ќе се види и на небото, и ќе живее низ бескрајните времиња на вечноста, затоа што се нашло како драгоцено во Божјите очи. Имајте на ум дека е вечно сето она што го правите кога правите добро.

Pin It on Pinterest