МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(29 и 30 ноември: Ветувања за победа)

„Благословен Господ, Кој на Својот народ Израел му даде мир во сѐ како што вети; не пропадна ниту едно од Неговите убави ветувања.“ (1 Цареви 8:56; Библија)

Имавме среќа да го гледаме највеличествениот залез на сонцето што некогаш можев да го видам. Сликата на таа убавина навистина не може да се опише со зборови. Со последните зраци на сонцето, величествените бои на сребро и злато, виолетова, црвена, се распространуваа низ целото небо, станувајќи сѐ поблескотни и воздигајќи се сѐ повеќе и повеќе по небесниот свод сѐ додека не ни се причини дека вратата на Божјиот град ширум се отвара и дека на моменти можевме да ѕирнеме во убавината на внатрешната слава. Полни два часа, ладното северно небо беше осветлено со тој чуден сјај, преубава слика што Големиот Уметник ја насликал на подвижното платно на небесниот свод. Сето тоа потсетуваше на пријатната насмевка на Божјото одобрување, која се гледа над секој земски дом, над бескрајните рамнини, прекинувани со сурови планини и со осамени шуми, низ кои се протега нашиот животен пат.

Ангелите на милоста како да ни шепотеа: „Погледнете горе! Оваа слава е само одсјај на светлоста која доаѓа од Божјиот престол. Немојте да живеете само за овој свет. Погледнете горе и со вера гледајте ги дворовите на небесниот дом.“

Оваа глетка за мене  беше исто што за Ное било виножитото на ветувањето, оспособувајќи ме да ја прифатам сигурноста на Божјото создавање и дека на небото ме чека одмор припремен за верниот работник. Оттогаш, секогаш чувствувам дека Бог ни го подари тоа како знак на Својата љубов и охрабрување. Сѐ додека ме служи меморијата нема да ја заборавам убавината на таа глетка и утехата која ми беше дадена.      

Ниеден ум не може да ги сфати сите богатства и големини на Божјите ветувања. Некој ја сфаќа славата гледана од еден агол, а некој убавината и милоста гледани од друг агол и на тој начин небесната светлина ја осветлува душата.

Во тие ветувања Христос ни зборува поединечно на секој од нас за Својата милост и сила.                 

Pin It on Pinterest