МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(26 – 30 aприл: Ширење на добро влијание)
„Вашиот украс да не биде надворешен: во плетење на косата, во ставање на злато или во облекување на разни облеки – туку: сокриениот човек во срцето во непропадливиот украс на кроткиот и мирен дух, што е од голема вредност пред Бога.“ (1-во Петрово 3:3.4; Библија)
Истакнувајќи го внатрешното украсување во спротивност со надворешното, овде апостолот нагласува дека внатрешното пред Бога има голема вредност. Надворешното е минливо и распадливо.
Но украсот на кроткиот и тивок дух, прекрасниот и добро урамнотежен карактер, никогаш нема да пропадне. Тоа е нераспадливо. Голема цена во очите на Творецот има само она што е навистина вредно, убаво и прекрасно.
Зарем да не тежнееме најсесрдно кон стекнување на она што во Божјите очи е подрагоцено и од најскапите фустани, бисери или злато? Внатрешната убавина, благодатта на вистинската кротост, духот на ускладеност со небесните ангели, нема да го намали вистинското достоинство на вашиот карактер, ниту ќе ве направи помалку сакани уште на овој свет. Искупителот нè предупредува да се отстрануваме од гордоста на животот, но не и од неговите доблести и убавини.
Самоодрекувањето во поглед на облекувањето е дел од нашата христијанска должност. Едноставноста во облекувањето, избегнување на раскошот и китењето со разноразни украси е во склад со нашата вера.
За нас од најголемо значење е, и со пример, и со поука, да го прифатиме она на што најголема вредност придава Господарот на универзумот. Правејќи така можеме да имаме силно влијание на добро.
Младите коишто се склони своето време и средства да ги трошат за да го свртат вниманието кон себе со помош на надворешни украси и извештачени манири не се усмерени во добар правец. Тие треба да негуваат вистинска христијанска ускладеност и благородност на душата.
Убавината на карактерот и чистотата на душата, откриени во изразот на лицето, имаат поголема моќ да привлечат и да влијаат на срцето отколку било какво надворешно украсување.