МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(22 – 28 ноември: И јас можам да станам победник)
„Спријатели се ти и смири се со Бога и пак ќе ти биде вратено доброто.“ (Јов 22:21; Библија)
Се качивме во малиот брод со кој требаше преку каналот да се префрлиме во Данска. Во собата којашто беше предвидена за мене имаше две софи и беше затворена со тешки завеси, тоа беше конфорт којшто тогаш сметавме дека дури и не е неопходен за патување од само шест часа. Меѓутоа, бевме принудени да го промениме таквото мислење пред стигнувањето на спротивниот брег.
Првиот час од патувањето го поминавме во една пријатна и добро опремена кабина за дами. Времето беше пријатно, морето мирно па очекувавме патување коешто ќе претставува вистинско уживање. Во кабината наскоро пристигна капетанот на бродот, препорачувајќи ни да се спуштиме во долните простории и веднаш да легнеме, затоа што наидува невреме. Се покоривме, иако не многу благоволно. Бродот наскоро почна да се лула толку силно така што едвај успевавме да се одржуваме на своите легла.
Мене многу ми се лошеше, почнав многу да се потам, имав впечаток дека секој орган во мене грчевито се бори против страшните болки и дека веднаш морам да умрам од морска болест.
Изгледаше дека смртта беше многу близу, но чувствував дека со вера можам цврсто да се фатам за Христовата рака. Тој, Којшто со Својата рака ги одржува сите води, реки и океани во нивните граници, може да нѐ сочува и нас во оваа страшна бура. Брановите од големите длабочини му се покоруваат на Неговиот глас: „До овде ќе доаѓаш и понатаму нема, и тука ќе се запираат твоите горди бранови.“ (Јов 38:11; Библија)
Се потсетив како Исус го растера стравот на учениците кога ја смири бурата на Галилејското езеро; па зарем тогаш треба да стравувам и да губам доверба во заштитата на Оној, Којшто ми ја одредил задачата? Подржана од Него го сочував совршениот мир во својата душа. Поуката за потполна доверба во Бога што ја научив за тие неколку часа за мене е многу драгоцена. Осведочена сум дека секое животно искушение ми нуди нова поука за потполна зависност и постојана доверба во мојот небесен Татко.
Да веруваме дека Бог е со нас на секое место, и во секој миг да се држиме цврсто за раката на Семоќната сила.