МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(28 – 30 јуни: Христос е секогаш покрај тебе)
„А Марија стоеше надвор при гробот и плачеше… и се обѕрна и го виде Исуса, а Тој ѝ рече: ‘Жено зошто плачеш?’“ (Јован 20:11-15; Библија)
Во тешките часови на своето болно расположение, после Христовото распнување, учениците често ги повторувале зборовите: „А ние се надевавме дека Тој е Оној, кој ќе го избави Израел.“ (Лука 24:21; Библија) Осамени и со тажни срца, се сеќавале на Неговите зборови: „Зашто, ако се прави вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото?“ (Лука 23:31; Библија) Собирајќи се во горната соба, ја затвориле и заклучиле вратата, знаејќи дека судбината на нивниот сакан Учител во секој момент може да стане и нивна.
Меѓутоа, за сето тоа време би можеле да му се радуваат на среќното сознание дека Спасителот воскреснал. Марија стоела во градината плачејќи за Христа додека Тој бил така близу, токму пред нејзе. Нејзините очи биле толку замаглени од солзите што не можела ниту да Го препознае. А срцата на учениците биле толку полни со болка што не ни верувале во пораката на ангелите, ниту на зборовите на Самиот Христос.
Колку има такви коишто и денес сѐ уште се однесуваат слично на овие ученици! Колкумина од нив сѐ уште го повторуваат очајниот извик на Марија: „Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле!“ (Јован 20:13; Библија) На колкумина би можеле да им се упатат зборовите на Спасителот: „Зошто плачеш?“ Тој е толку близу, но нивните очи, замаглени од солзите, не можат да Го видат. Тој им зборува, но тие не разбираат.
О, кога секоја очајнички наведната глава би можела да се подигне, кога очите, потполно обневидени од солзи, би можеле да се отворат и да Го здогледаат, кога ушите би можеле да го ослушнат Неговиот глас: „Одете побргу и кажете им на Неговите ученици дека стана од мртвите!“ (Матеј 28:7; Библија) Кажете им да не Го бараат во новиот Јосифов гроб. Нека не тагуваат како да се во безнадежност и беспомошност. Христос е жив, и поради тоа што Тој живее и ние ќе живееме. Од благодарните срца, од усните допрени со свет оган, нека одѕвонува песната радосница: Христос воскресна! Тој живее за да посредува за нас. Фати се за оваа надеж, и таа како проверен и сигурен мерач ќе ти ја одржува душата. Верувај, и ќе ја видиш Божјата слава!