МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 јануари: Семејното богослужение во мојот живот)

„Бидете понизни пред Господа и Тој ќе ве возвиши!“ (Јаков 4:10; Библија)

Ако некогаш било време секоја куќа да биде дом на молитва, тогаш тоа е токму сега.

Преовладуваат неверувањето и скептицизмот. Безаконието сѐ повеќе се умножува, изопаченоста се вовлекува во животните текови на душата, а побуната против Бога го разорува животот. Поробени од гревот, моралните сили се наоѓаат под узурпаторската власт на сатанската тиранија. Душата станала играчка на неговите искушенија, и доколку не се пружеше моќната рака на Семоќниот да ја ослободи, човекот и понатаму ќе продолжеше да оди по патот по којшто го заведе зачетникот на побуната.

Па сепак, во ова време на страшна опасност некои коишто тврдат за себе дека се христијани не одржуваат семејна молитва.

Идејата дека молитвата не е важна претставува една од најуспешните лукавства на сатаната да ја упропасти душата.

Молитвата е разговор на душата со Бога, изворот на мудроста, силата, мирот и среќата. И Христос му се молел на Таткото со силно викање и со солзи.

„Тој, во деновите на Своето тело, Му принесе молитви и молби со силно викање и солзи, на Оној Кој можеше да Го спаси од смрт, и беше чуен заради богобојазливоста.“ (Евреите 5:7; Библија)

„Молете му се на Бога еден за друг“, вели Јаков, „оти делотворната молитва на праведникот има голема сила“. (Јаков 5:16; Библија) Со искрена и постојана молитва, родителите треба да подигнат ограда околу своите деца. Тие треба да се молат во жива вера Бог да остане со нив, и со светите ангели да ги чува и нив и нивните деца од страшните сатански сили.

Колку е убаво кога родителите наутро пред доручек ќе ги соберат своите деца и им укажат на небесниот Татко, Којшто толку дарежливо ги снабдува со изобилноста на своето провидение! Колку е исправно кога ќе Му се заблагодарат за Неговата заштита во текот на изминатата ноќ и ќе ја побараат Неговата милостива помош и заштита од Неговите ангели за во текот на денот! Колку е прикладно кога навечер повторно ќе се соберат за да Му ја оддадат должната благодарност за милоста и за примените благослови во денот што поминал!

Pin It on Pinterest