МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(23 – 29 август: Дефиниција на чистата вера)

Зборувајќи за доблестите кои биле одбележје на неговиот живот, и кои треба да го красат карактерот на секој христијанин, Јов вели: „Бев очи на слепиот и бев нозе на хромиот.“ (Јов 29:15; Библија)

Бдејте постојано во молитва и чувајте се најсовесно срцето и мислите да не ви бидат толку обземени со работните грижи што ќе ја занемарите вистинската побожност и љубов, наспроти така големата и итна потреба да бидете Божја рака помошничка за слепите и за сите други кои на било кој начин се унесреќени. На оние кои немаат никого околу себе и оние кои се најотфрлени, треба да им поклониме најмногу внимание. Немојте да го жалите времето ниту трудот таквите да ги охрабрите и да ги зајакнете, учејќи ги да бидат огнени во духот, да прават што е добро и вистинито, да ја љубат милоста, служејќи Му на Господа. Секогаш имајте ги на ум Христовите зборови: „Кога му направивте на еден од овие мои најмали браќа, Мене ми направивте.“ (Матеј 25:40; Библија)

Бог од припадниците на Својот народ очекува кон несреќните да биде далеку пообзирен и посочувствителен отколку што тоа често е случај. „Затоа што чиста и беспрекорна побожност пред Бога е ова: посетувајте ги сирачињата и вдовиците во нивните неволји, и чувајте се себеси неизвалкани од светот.“ (Јаков 1:27; Библија)

Бог со право очекува истото внимание и грижа што им ја должиме на вдовиците и децата без родители, исто така да им ги поклониме и на слепите и на сите оние кои патат од некое телесно оштетување. Добрината која се прави, не раководејќи се од личните интереси, е многу важна во светот денес.

Чудно и несфатливо е колку и оние кои за себе тврдат дека се христијани не се осврнуваат на така јасното и одредено учење на Божјата Реч, не чувствувајќи притоа никаква грижа на совеста. Грижата за унесреќените, за слепите, за осакатените, за вдовиците и сирачињата, е должност дадена од Бога, но мнозина не вложуваат никакви напори во тој поглед.

Големо е делото кое треба да се изврши во светот, и иако крајот на овоземската историја сѐ повеќе се ближи, тоа ни најмалку не се намалило; но кога Божјата љубов е совршена во срцето, ќе дојде до чудесна промена.

Pin It on Pinterest