МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 октомври: Водството на ангелите во мојот живот)

„Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува.“ (Псалм 34:7; Библија)

Денес, исто како и во деновите на апостолите, небесните весници поминуваат ширум земјата настојувајќи да ги утешат несреќните, да ги заштитат слабите, и да ги придобијат срцата на луѓето за Христа. Ние не можеме лично да ги видиме, но тие сепак се со нас, управувајќи ги нашите чекори и штитејќи нѐ.

Тие светлосни ангели околу нашата душа создаваат небесна атмосфера, воздигнувајќи нѐ кон она што е невидливо и вечно. Нивниот лик ние не можеме да го видиме со своето природно сетило за вид, затоа што она што е небесно може да се согледа само со духовно око.

Само духовното уво може да ја слушне и да ја препознае хармонијата на небесните гласови. Толку пати англите разговарале со луѓето, како што човекот разговара со својот пријател, и ги доведувале на сигурно место.

Многу пати охрабрителните зборови на ангелите го обновиле паднатиот дух на верниците и воздигнувајќи ги нивните мисли над овоземските случувања ги навеле со вера да ги здогледаат белите наметки, круните и палмовите гранчиња, коишто победниците ќе ги добијат кога најпосле ќе се соберат околу големиот бел престол.

Должноста на ангелите е што поскоро да им се приближат на уморните, унесреќените и на оние коишто се наоѓаат во искушение. Тие неуморно се залагаат за сите оние за коишто Христос умрел.

Ангелите секогаш се наоѓаат таму каде што нивното присуство е најпотребно. Тие се со оние коишто мораат да водат најтешка борба против своите наследени и стекнати склоности кон злото, и со оние коишто најмногу се изложени на обесхрабреност и паѓање.

Задачата на овие небесни суштества е да служат, да водат, да ги чуваат и контролираат оние кои ќе бидат наследници на спасението. Тие се будни стражари кои верно ги чуваат и насочуваат душите на вистинскиот пат.

Pin It on Pinterest