МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 ноември: И јас можам да станам победник)

„Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, љубовта не завидува, не се фали, не се вообразува.“ (1 Коринтјаните 13:4; Библија)

Оние кои го отвараат своето срце и својот дом, повикувајќи Го Христа да живее со нив треба да живеат во морална атмосфера којашто не е затемнета со кавги, огорченост, гнев, пакост, па дури и нељубезни зборови. Христос не може да живее во дом каде што домашните се склони на карање, завист и горчина.

Павле имал здраво верско искуство. Христовата љубов била неговата главна тема и неодоливо владеачка сила во неговиот живот.

Кога би се нашол во толку обесхрабрувачки околности што половичниот христијанин би го дотолчиле и бутнале, тој останувал цврст во срцето, полн со храброст, надеж и ведрина, довикувајќи им на своите соработници: „Радувајте се во Господа секогаш, и пак ви велам: Радувајте се!“ (Филипјаните 4:4; Библија) Со таа иста надеж и ведрина било озарено неговото лице и додека стоел на палубата на бродот во страшната бура којашто се заканувала нивниот брод да го распарчи на парчиња. Тој спокојно му давал мудри налози на капетанот на бродот и им го спасил животот на сите патници. Иако врзан, тој всушност бил господар на ситуацијата, најслободниот и најсреќниот човек на бродот. Кога нивниот разбиен брод се насукал на брегот на еден дивјачки остров, тој бил најприбран и најкорисен во спасувањето на своите сопатници од водениот гроб. Со своите раце носел дрва и го ложел огнот за да ги стопли премрзнатите бродоломци и да ги спаси од грозница. Кога виделе дека змијата отровница цврсто му се обвиткала околу рацете, сите се исплашиле многу; но Павле мирно ја истресол и ја фрлил во огнот, знаејќи дека ништо не му напакостила, затоа што имал потполна доверба во Бога.

Кога стоел пред царевите и великаните на оваа земја, коишто го држеле неговиот живот во свои раце, не се повлекувал, затоа што својот живот Му го предал на Бога. Благодат, слична на ангелска, го правела неговиот глас така милозвучен и продорен додека ги повторувал своите сведочења за крстот и за неспоредливата Христова љубов.

Љубовта има чудна моќ, затоа што има божествено потекло.

Pin It on Pinterest