МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(21 – 27 јуни: Емоционалната зрелост донесува среќа)

„Цврстиот по дух Ти го пазиш во совршен мир, зашто на Тебе се надева.“ (Исаија 26:3; Библија)

Има мнозина такви чиешто срце пати под мачниот товар на секојдневните грижи, затоа што тежнеат да го достигнат стандардот на овој свет. Тие се одлучиле да му служат на овој свет, ги прифатиле неговите тешкотии и ги усвоиле неговите обичаи. Така, тие го извалкале својот карактер, а од својот живот направиле вистински товар. За да ги задоволат славољубието и световните желби, тие постапуваат бескрупулозно, а потоа ги тишти товарот на вината и грижата на совеста. Постојаната грижа ги исцрпува животните сили. Нашиот Господ сака да го отфрлиме тој ропски јарем. Повикувајќи ги луѓето да го земат Неговиот јарем, Тој вели: „Затоа што Мојот јарем е благ, и бремето мое е лесно.“ (Матеј 11:30; Библија)

Тој им наложува најнапред да го бараат Божјото царство и Неговата праведност и ветува дека ќе им се додаде сето преостанато што е неопходно за овој живот. Грижата е слепа и не може да ја препознае иднината, но Христос од самиот почеток го гледа крајот. Во секоја тешкотија, Тој има подготвен свој начин за да ни притекне на помош. Во Својата грижа за наше добро, нашиот небесен Татко има илјадници начини и патишта за кои ние ништо не знаеме. Оние коишто ќе го прифатат начелото, службата на Бога и славата на Неговото име да им бидат на прво место, ќе видат како грижите и тешкотиите исчезнуваат и како патот пред нив е јасен и израмнет.

Во Христовото срце, кое било во совршен склад со Бога, имало совршен мир. Христос никогаш не се воздигнувал поради одобрувањата или пофалбите, ниту пак губел храброст поради осудата или разочарувањето. Среде најжестоките противења и најзлобните постапки, секогаш останувал храбар.

Вистинската среќа можеме да ја најдеме само ако постојано учиме од Христа. Оние, кои вистински веруваат во Христовите зборови, и ја предаваат својата душа на Негова грижа и својот живот на Неговото провидение, ќе најдат спокојство и мир. Светот со ништо не може да ги растажи кога Исус постојано ги весели со Своето присуство.

Самољубието е токму оној причинител кој во душата внесува немир.

Pin It on Pinterest