МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(22 – 28 ноември: И јас можам да станам победник)
„Кој дели изобилно, сè повеќе има, а кој скржави сè е посиромашен. Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои.“ (Пословици 11:24.25; Библија)
Бог е Оној, Кој луѓето ги благословува со поседување на материјални добра за да им овозможи да даваат прилози за напредокот на Неговото дело. Тој дава дожд и сончеви зраци, овозможувајќи на тој начин сè да расте во природата и да успева. Тој на луѓето им дава здравје и способност за стекнување на средства за живот. Сите наши овоземски добра доаѓаат од Неговата дарежлива рака. Тој со право очекува сите да ја покажат својата благодарност, враќајќи Му барем еден дел во вид на десеток, доброволни дарови и прилози на благодарност и каење. Кога средствата во Неговата ризница би доаѓале според божествениот план, десеток од секоја добивка и доброволни прилози, би имало средства во изобилие за напредок на Божјото дело.
Но срцата на луѓето стануваат тврди поради нивната себичност, и тие, слично на Ананија и Сафира, доаѓаат во искушение да задржат еден дел за себе, преправајќи се во исто време дека верно ги исполнуваат Божјите барања. Многумина расипнички ги трошат парите за да си ги задоволат своите интереси и барања. Луѓето водат сметка само за своите задоволства, за телесните склоности, ненаситните барања и личниот вкус, додека на Бога Му даваат скржаво и тоа безволно. Тие забораваат дека Бог еден ден ќе побара да Му ја положат точната сметка за тоа како ги употребиле Неговите добра.
Постојаното добродетелство полно со самоодрекување претставува вистински лек против гревот на себичност и лакомост кои како рак ја разјадуваат духовноста. Систематското добродетелство Бог го увел за со тоа да се потпомогне Неговото дело и за да им се олеснат патилата на сиромашните и неволните. Тој одредил давањето на прилози да стане трајна навика, за на тој начин да се неутрализира опасниот грев на лакомство. Со секое приложување алчноста се гуши како ракот со гладување и на крајот умира. Бог бара системот на давање прилози да се применува постојано, за моќта на навиката во добри дела да ја скрши моќта на навиката во спротивниот правец.