МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(19 – 25 aприл: Користење на примените таленти)
„Љубете се еден друг срдечно со братска љубов! Натпреварувајте се во почитување еден кон друг.“ (Римјаните 12:10; Библија)
Чувствата на љубезност и добрина, благородните побуди и брзото сфаќање на духовните вистини, сето тоа се драгоцени таленти кои на оние што ги поседуваат им наметнуваат сериозна одговорност. Сето тоа треба да се употреби на служба на Бога. Меѓутоа, во тоа мнозина грешат. Задоволни што поседуваат вакви особини, тие пропуштаат да ги активираат во секојдневното залагање за другите. Оние кои по природа се емотивни, нежни и љубезни, се должни пред Бог, тие свои особини да ги покажуваат не само кон своите пријатели, туку кон сите оние на кои, на било кој начин, им е потребна нивната помош. Предностите на друштвеноста исто така претставуваат примени таленти кои мораат да се употребат за доброто на сите до коишто допира нашето влијание.
Доверените таленти се умножуваат само со употреба. Успехот не е резултат на шансата или судбината, туку дело на Божјото провидение, награда за верата, разумноста, добродетелта и истрајноста во залагањето. Господ сака секој дар што го поседуваме, правилно да го употребиме. Правејќи така ќе примиме уште поголеми дарови. Способностите коишто ни недостасуваат, Бог нема да ни ги даде на некој натприроден начин, туку, додека правилно го употребуваме она што го имаме, ќе соработува со нас, јакнејќи ја секоја наша способност. Секоја искрена и сериозна жртва поднесена во службата на Учителот, ги умножува и јакне нашите сили.
Прифаќајќи го поттикнувањето на Светиот Дух и покорувајќи Му се, нашето срце ќе се рашири за да прими сè поголема и поголема сила, и ќе бидеме во состојба да постигнеме сè повеќе. Неискористените и успиени енергии ќе бидат разбудени, а умртвените умни способности ќе добијат нов живот. Додека настојуваме другите да ги приведиме кај Христа, чувствувајќи го товарот на одговорност за нивните души, и нашето срце ќе зачука побрзо под живототворното влијание на Христовата благодат. Божествената ревност уште повеќе ќе ги распламти нашите чувства; нашиот христијански живот ќе биде повистински, посериозен и целиот проткаен со искрени молитви.