МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 септември: Совршенство на карактерот)

„И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.“ (Матеј 5:48; Библија)

Бог ќе ги прифати само оние коишто се одлучни во настојувањето да ја остварат оваа висока цел. Тој го смета секое човечко суштество за обврзано да стори најдобро што може. Од сите се очекува морално совршенство. Критериумот на правдата никогаш не смееме да го спуштиме за да го прилагодиме кон своите наследени или стекнати склоности кон престапот. Мораме да сфатиме дека несовршенството на карактерот всушност е грев. Сите позитивни својства на карактерот се наоѓаат во Бога како совршена и складна целина, а да се поседува ова својство е предност за секого кој Го прима Христа како свој личен Спасител.

Оние, коишто искрено сакаат да бидат Божји соработници, мораат да се стремат кон совршенство на секој орган од своето тело, и секоја особина на својата душа. Вистинското воспитување претставува припрема на физичките, умните и моралните сили за извршување на секоја должност, обука и увежбување на телото, умот и душата за служба на Бога. Тоа е образование коешто ќе се продолжи и низ вечниот живот.

Меѓутоа, Христос не рекол дека совршенството на карактерот може да се постигне на лесен начин. Благороден и сестрано позитивен карактер не е нешто што може да се наследи или да се добие случајно. Таков карактер, благодарејќи ѝ на милоста и заслугите Христови, се стекнува со лични напори. Бог ги дава талентите: способноста и силата на умот, а карактерот го обликуваме ние. Тоа најчесто се постигнува со сериозна и жестока борба со самите себе. Мораме да водиме постојана војна со своите наследени и стекнати склоности. Мораме да бидеме строго самокритични, трудејќи се ниту една неповолна црта на карактерот да не ја оставиме непоправена. Никогаш, никогаш немојте да кажете: моите карактерни маани се неизлечиви и јас во тоа не можам да се поправам. Тешкотиите всушност произлегуваат од изопаченоста на непосветеното срце и неподготвеноста да се потчиниме под Божјата контрола.

Потполното предавање на Христовата волја, значи повторно воспоставување на човековото првобитно совршенство.

 

Pin It on Pinterest