МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 март: Чувајте ги приодите на својата душа)

„Барајте го доброто, а не злото, за да живеете, и за да биде Господ, Бог над Воинствата, навистина со вас како што велите дека е.“ (Амос 5:14; Библија)

Сатаната ги користи сите можни средства, злосторствата и понижувачките пороци да ги разгласи и да ги направи популарни. Не можеме да поминеме по улиците на нашите градови а да не забележиме дека злосторствата и престапите од секаков вид, јавно се истакнуваат, прикажувајќи ги во некој роман или пак со изведување на театарските бини. Така умот систематски се привикнува на блискоста со гревот.

Во дневниот печат постојано се прикажуваат злосторства и пороци од секаков вид; сѐ што може да ги предизвика страстите се изнесува на највозбудлив начин. Луѓето денес толку многу читаат и слушаат за понижувачките злосторства, што најпосле и осетливата совест, којашто со одвратност се згрозувала на таквите глетки, отапува и потоа со страсно интересирање ги следи таквите вести.

Многу од популарните забави и уживања на денешниот свет, омилени дури и кај оние коишто тврдат дека се христијани, се насочени кон иста цел како и незнабожечките во старо време. Навистина малку се таквите задоволства коишто сатаната не ги користи како средство за уништување на душите. Со посредство на драмата, тој со векови настојува да ги побуди страстите и да го воздигне порокот. Операта со нејзината волшебно привлечна музика, маскембалите, картите и сличните забави, сатаната успешно ги користи за да ги сруши бариерите на начелата и да ги отвори вратите на сетилните наслади.

На секој собир од задоволство каде што се поттикнуваат гордоста и попуштањето на апетитот, каде што човекот се наведува да заборави на Бога и да ги изгуби од вид вечните интереси, сатаната ги оковува ланците околу душата.
Заштитата на божествената милост во секој момент и на секој чекор ќе биде и ќе остане нашата единствена сигурност, доколку го зачуваме својот духовен вид, така што злото никогаш нема да го наречеме добро, ниту пак доброто зло.

Затоа приодите на својата душа мораме, без притеснувања или било какви аргументи, будно да ги чуваме и одлучно да ги затвораме пред секое зло.

Pin It on Pinterest