МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(21 – 27 јуни: Емоционалната зрелост донесува среќа)

„Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога.“ (1 Јованово 4:7; Библија)

Гледано од христијанско гледиште, љубовта е сила. Тоа е начело кое во себе содржи и интелектуална и духовна сила. Чистата љубов има посебна моќ да прави добро, и не може да прави ништо друго освен добро. Таа ги оневозможува неслогата, патилата, несреќата и болката, а донесува само вистинска среќа. Богатството често донесува изопаченост и ја уништува благородноста во душата; силата е склона да нанесе навреда, но особините на чистата љубов се само вистина, добрина и побожност.

Човекот којшто е во мир со Бога и со своите ближни не може да биде несреќен. Зависта не може да пребива во неговото срце, за злобните претпоставки и сомневања овде нема место, омраза не може да постои. Срцето коешто е во хармонија со Бога се издигнува над немирот и искушенијата на овој живот.

Отровните билки кои сатаната ги засадува во срцето: зависта, љубомората, сомневањето за другите, озборувањето, нетрпеливоста, предрасудите, себичноста, лакомството и суетата – мораат да се искоренат. Ако се дозволи овие зла да останат во душата тие ќе го донесат својот плод со кој ќе се опоганат многу. О, колку од нив одгледуваат отровни билки кои ги уништуваат драгоцените плодови на љубовта и ја сквернават душата!

Само љубовта којашто извира од Христовото срце може да донесе вистинско и трајно исцелување. Само оној во којшто оваа љубов струи како живототворен сок во дрвото или како крв во телото, може да го врати изгубениот мир на ранетата душа.

Делата на љубовта имаат чудесна сила затоа што се поттикнати од божествената милост. Кога би ја сфатиле поуката дека „благиот одговор го стивнува гревот“, дека „љубовта долго трпи и е благотворна“, дека братската љубов „покрива мноштво на гревови“ – каква исцелителска сила би добил нашиот живот? Колку би се сменил животот во основа, а земјата би станала многу послична на небото, што дури и сега тоа би се видело и почувствувало.

Pin It on Pinterest