МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(19 – 25 јули: Пријателска дружељубивост)

„До Тимотеј, возљубеното чедо: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ.“ (2 Тимотеј 1:2; Библија)

Павле се вратил од Цезаревата судница во својата ќелија, знаејќи дека тоа е само едно кратко одлагање. Знаел дека неговите непријатели нема да се смират сѐ додека на било кој начин не издејствуваат да биде погубен.

Седејќи ден по ден во својата мрачна ќелија, знаејќи дека Нерон само со еден свој единствен збор или со едно движење на својата глава може да го испрати во смрт, Павле мислел на Тимотеја, и одлучил да му испрати писмо.

На Тимотеја му била доверена грижата за црквата во Ефес, и затоа останал овде кога Павле тргнал на своето последно патување во Рим. Павле и Тимотеј биле поврзани со необично длабоко и силно чувство на љубов. Тимотеј од самото свое обратување учествувал во Павловата работа и пријателството помеѓу нив двајца станувало сѐ посилно, подлабоко и посвето, така што Тимотеј најпосле на измачениот и остарен апостол му станал она што синот може да му биде на саканиот и почитуван татко. Затоа не било ниту малку чудно што Павле, во својата осаменост и изнемоштеност, толку многу копнеел да го види.

И под најповолни околности морало да поминат повеќе месеци додека Тимотеј би можел од Мала Азија да стигне во Рим. Павле знаел дека животот му е во неизвесност и се плашел да не се случи Тимотеј да дојде прекасно за да може да го види. Имал да му соопшти важни упатства и совети на тој млад човек кому му била доверена така голема одговорност. Затоа, повикувајќи го што поскоро и без одлагање да дојде, му го издиктирал своето претсмртно сведоштво коешто можеби нема да има можност лично и усмено да му го пренесе. Павловата душа била исполнета со љубов и загриженост за неговиот син во евангелието и црквата којашто му била доверена нему, и се трудел на Тимотеја да му ја втисне во душата, важноста на верноста кон светиот аманет којшто му бил доверен. Своето послание Павле го завршува доверувајќи го својот возљубен Тимотеја на грижа на Големиот Пастир (Господ Исус Христос), Кој ќе продолжи да се грижи за стадо.

Pin It on Pinterest