МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(18 – 24 јануари: Библијата во мојот живот)
„Прими го од устата Негова законот и стави ги зборовите Негови во срцето свое.“ (Јов 22:22; Библија)
Најважната причина за постојано претражување на Светите списи е обогатување на умот и срцето со Божјите вистини. Можеби ќе настапат околности кога ќе бидете одвоени од своите браќа по вера и кога ќе ви биде ускратена предноста да се состанувате со Божјите деца. Затоа, потребно е богатството на Божјото слово да ви биде сокриено во срцето.
Целото поле на откровенија е посеано со драгоцени бисери на вистината која зборува за Божјата мудрост. За да бидете навистина мудри, собирајте ги тие драгоцени бисери на вистината. Запознајте се со ветувањата што Бог ги дава во Своето слово, и цврсто верувајте во нив. Кога ќе наидат искушенијата, тие ветувања ќе ви донесат радост и утеха.
Искушенијата често изгледаат неодоливи само затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата, и тогаш оној што се наоѓа во искушение не може веднаш да се присети на Божјите ветувања и да му се спротивстави на сатаната со библиско оружје.
Меѓутоа, ангелите се постојано околу оние коишто сакаат да бидат поучени со божествените вистини; и во времето на неволја и кога тоа ќе биде неизбежно, тие ќе ги потсетуваат токму на оние вистини кои тогаш ќе им притребаат.
Така, „кога непријателот ќе навали како река, Господовиот Дух против него ќе го подигне знамето“. (Исаија 59:19; Библија)
Срцето коешто се збогатува со познавање на драгоцените вистини на Божјото слово е наоружено за борба против сатанските искушенија, против нечистите мисли и несветите постапки.
Држете се блиску до Светите списи. Колку повеќе го истражувате и објаснувате Божјото слово, толку повеќе вашиот ум и срце ќе бидат збогатени со благословените зборови на охрабрување и со Божјите ветувања.
Учете ги драгоцените Божји ветувања на памет, така што и кога ќе бидете лишени од својата Библија, сѐ уште ќе го имате Божјото слово во својот ум.