МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(20 – 26 септември: Совршенство на карактерот)
„Нека биде над нас добрината на Господа, нашиот Бог; дај ни да успее делото на нашите раце.“ (Псалм 90:17; Библија)
Бог го сака сè она што е убаво, но повеќе од сè друго Тој ја сака убавината на карактерот. Она што ја прави убавината на карактерот, ќе ја задржи својата вредност низ бескрајните времиња на вечноста.
Големиот Уметник при создавањето им поклонил внимание дури и на лилјаните, создавајќи ги толку убави што ја засениле и Соломоновата слава. А колку ли повеќе Му е до човекот, којшто на себе го носи Божјиот лик и ја одржува Неговата слава! Тој сака Неговите деца да покажуваат карактер сличен на Неговиот. Како што сончевите зраци му ги даваат на цвеќето неговите најразлични и нежни бои, така и Бог на душата и ја дава убавината на карактерот.
Сите оние, коишто ќе се определат за Христовото царство на љубов, правда и мир, правејќи ги неговите интереси поважни од сè останато, се поврзани со небесниот свет, а ги добиваат и сите благослови неопходни за сегашниот живот. Во книгата на Божјето провидение, во книгата на животот секој од нас има своја страница. Таа страница ја содржи секоја поединост од нашиот живот; изброено е дури и секое влакно коса на нашата глава. Бог никогаш не заборава на своите деца.
Разметливото фалбаџиство и раскошот на овој свет, колку и да се привлечни, пред Бога немаат никаква вредност. Над видливото и минливото, Тој го цени она што е невидливо и непоминливо. Ова првото вреди само кога претставува израз на она другото. Најодбраните дела на уметникот по својата вредност не можат да се споредат со убавината на карактерот, убавината којашто е плод на делувањето на Светиот Дух во душата.
Доаѓајќи на земјата, Христос пред човечките синови ја претставувал сликата на љубовта којашто се насобрала уште од искон, тоа е богатство коешто ние, одржувајќи постојана заедница со Него, го примаме за потоа да им го предадеме и на другите.
Ние мораме да се разликуваме од светот, затоа што Бог го ставил својот печат на нас, откривајќи го во нас својот сопствен карактер.