МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(21 – 27 јуни: Емоционалната зрелост донесува среќа)
„Мудро ја отвора својата уста, и побожна наука ѝ е на јазикот.” (Пословици 31:26; Библија)
Со влијанието коешто го вршите на другите, вие достигнувате до срцето, допирајќи на тој начин, не само една жица, туку и најтенките чувства на душата чиишто вибрации допираат до Бога. Ваша должност е да бидете христијани во највисоката смисла на зборот – да бидете слични на Христа. Со невидливите постапки со коишто делувате на умот на оние со коишто доаѓате во контакт, доколку одржувате постојана врска со Бога, вие оставате впечаток којшто ве прави мирис на животот за живот. Инаку, доколку покажувате себичност, ако се воздугнувате себеси, ако сте склони на уживањата и сфаќањата на овој свет, без оглед на каква положба сте, на вашето верско искуство или знаење што го поседувате, ако законот на љубезноста не е на вашите усни и ако слаткиот мил мирис на љубовта не се шири од вашето срце – вие не можете да сторите ништо од она што би требало да го сторите.
Љубезноста, љубовта и учтивоста треба да бидат обележја на вистинскиот христијанин. Во своето меѓусебно дружење секогаш имајте на ум дека во животното искуство на другите постојат поглавја коишто се запечатени за очите на смртникот; постојат жалосни истории коишто се запишани во небесните книги, но неприкосновено се чуваат од љубопитниот поглед на оние коишто сакаат во сѐ да ѕирнат. Таму постојат долги записи за тешки борби под многу мачни околности, тешкотии во самото семејство, коишто ден за ден ја поткопувале силата, верата и довербата, сѐ додека не се создал впечаток дека е скршена и самата мажественост. Но Христос знае за сето тоа, и Тој своите никогаш не ги заборава. Зборови на љубезност и сочувство се добредојдени за таквите, како ангелска насмевка. Силниот и добронамерен стисок на раката на вистинскиот пријател е повреден од злато и од сребро. Вистинскиот и искрениот израз на внимание од страна на една сестра, брат или пријател, упатен со вистинска едноставност, има сила да ги отвори вратите на срцето на коешто толку многу му е потребнo топол христијански збор, и едноставен и нежен допир на Христовиот дух и Неговата љубов.