МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(19 – 25 јули: Пријателска дружељубивост)

„А Исус ги сакаше Марта, нејзината сестра, и Лазар.“ (Јован 11:5; Библија)

Постоеше еден дом којшто Христос со задоволство го посетуваше – домот на Лазара, Марија и Марта, затоа што овде во атмосфера на вера и љубов Неговиот дух наоѓал спокојство и мир. Меѓу најпостојаните Христови ученици бил Лазар од Витанија. Од нивната прва средба, Лазаревата вера во Христа била силна, неговата љубов кон Него длабока, а и Спасителот него многу го сакал. За Лазара, Хрисотс го направил Своето најголемо чудо. Спасителот ги благословувал сите што ќе ја побарале Неговата помош, Тој го сака целиот човечки род, но со некои сепак бил поврзан со посебни нежни врски. Со силни врски на наклонетост и љубов, Неговото срце било приврзано за ова семејство од Витанија, и за еден од неговите членови било сторено најголемото дело. Во Лазаревиот дом Исус често наоѓал одмор.

Спасителот на овој свет немал свој сопствен дом и зависел од гостопримството на Своите пријатели и ученици, па често кога бил уморен и желен за човечко пријателство, му било драго да најде прибежиште во овој мирен дом, далеку од љубомората и сомнежливоста на лутите фарисеи. Овде, Тој навистина наоѓал искрено добредојде и чисто свето пријателство. Овде можел да зборува едноставно и потполно слободно, знаејќи дека Неговите зборови ќе бидат сфатени и ценети.

Христос ја ценел спокојната фамилија и заинтересираните слушатели. Тој копнеел за човечка нежност, љубезност и топлина. Оние чиишто срца ги примале небесните поуки, што Тој со задоволство ги изнесувал, биле опсипувани со благослови од Негова страна. Додека мноштво на луѓе Го следеле Христа, Тој настојувал очите на нивниот разум да ги отвори за да можат да видат како Божјата рака го одржува светот. Меѓутоа, мноштвото не било спремно да слуша, па затоа во домот во Витанија, Христос наоѓал одмор од исцрпувачките судири во јавниот живот. Овде на благодарните слушатели им ја отварал книгата на провидението. Во таквите блиски разговори Тој на своите слушатели им го изложувал она што не се ни обидувал да го каже пред разновидното мноштво на јавните собири. Исус на Своите пријатели немало потреба да им зборува во параболи.

Pin It on Pinterest