МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(19 – 25 aприл: Користење на примените таленти)
„Мудриот човек се зацврстува, и човекот со знаење расте во сила.“ (Пословици 24:5; Библија)
Ние треба да Го љубиме Бога не само со сето срце и со сета душа, туку и со сета своја сила. Тоа опфаќа потполна и разумна употреба на сите физички сили. Христос бил Тој Којшто дал најдетални упатства за изградбата на Соломоновиот храм. Тој, Којшто за време на Својот овоземски живот работел како дрводелец во скромниот и презрен Назарет. Христос е небесниот Архитект Којшто го дал планот за светата градба во која Неговото име требало да се слави и воздига.
Секој иноваторски дар и секој изум наменет за доброто на човечкиот род имаат свој извор во Оној Којшто е „прекрасен во советот и превозвишен во мудроста“. Прецизниот допир на раката на лекарот, неговото владеење со своите нерви и мускули, неговото стриктно познавање на така осетливата структура на човековото тело, претставува мудрост на божествената сила, која на тој начин се употребува за спас на болниот. Прецизноста со којашто дрводелецот ракува со својот алат, силата со којашто ковачот го кове железото, доаѓаат од Бога. Сите тие дарови Тој им ги подарил на луѓето, и со право очекува да Му се обраќаат за совет и мудрост. Религијата и дејностите не треба да ги сметаме како поими кои меѓусебно немаат ништо заедничко; сѐ што работиме или зборуваме треба да биде проткаено со религијата на Библијата. Тоа мора да се огледува во сето она што го превземаат луѓето, во механичките и земјоделските работи, како и во трговските и научните потфати. Извршувањето на Божјата волја кога работиме на подигање на една градба е исто толку битна како и кога учествуваме во некоја верска служба.
За Данило читаме дека во сите негови дејности, и тогаш кога биле подложени на најпрецизни испитувања, не била пронајдена никаква грешка, ниту недостаток. Тој навистина бил вистински пример на она што секој деловен човек може да биде. Записот за неговиот живот покажува што може да стане секој поединец кој виталноста на својот ум, своите физички сили, своето срце и живот ги посветува во Божјата служба.