МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(22 – 28 март: Чувајте ги приодите на својата душа)
„А над сè чувај го своето срце, зашто животот извира од него.“ (Пословици 4:23; Библија)
„А над сè чувај го своето срце“, е советот на мудриот човек, „зашто животот извира од него.“ Човекот е онаков какви што се мислите во неговото срце. Срцето мора да биде обновено со божествената милост, инаку залудно ќе биде тежнеењето за чистота на живеењето. Оној којшто се обидува независно од Христовата милост да изгради благороден и беспрекорен карактер, ја ѕида својата духовна куќа на непостојан песок. Таквата куќа во бурата на жестоките искушенија сигурно ќе биде срушена.
Затоа Давидовата молитва: „Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене“ (Псалм 51:10; Библија), треба да биде молитва на секоја душа. А бидејќи станавме дел во тој божествен дар којшто е „сила Божја што нѐ чува преку верата за спасение”, мораме да се трудиме да го усовршуваме тоа. (1 Петрово 1:5; Библија)
Меѓутоа, и ние треба да превземеме нешто за да му се спротивставиме на искушението. Оние коишто не сакаат да станат плен на лукаво смислените измами на сатаната мораат добро да ги чуваат сите приоди коишто водат кон душата; мораат да избегнуваат читање, гледање или слушање на сето она што предизвикува нечисти мисли.
Да не му дозволуваме на својот ум да лута и да се задржува на сето она што непријателот на душите може да ни го подметне. Тоа бара искрена молитва и постојана будност. Неопходна ни е постојана помош и влијание на Светиот Дух, којшто ќе ги насочува нашите мисли кон небото и ќе ги навикнува да се задржуваат на она што е чисто и свето.
Исто така мораме ревносно и марливо да го проучуваме Божјото слово. „Како ќе го запази младиот човек, чист својот пат? – чувајќи ги Твоите зборови.“ „Во срцето го запазив Твојот збор, за да не згрешам против Тебе“, вели псалмистот. (Псалм 119:9.11; Библија)
Ако сакате да имате власт на својот дух и ако сакате душата да не ви биде затруена со ниски и расипани мисли, тогаш морате како верни стражари будно да бдеете над своите очи, уши и над сите свои способности за сетилно запазување. Ова најпосакувано дело може да се оствари само со силата на божествената милост.