МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(21 – 27 јуни: Емоционалната зрелост донесува среќа)
„Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот.“ (Пословици 15:13; Библија)
Ако сте уморни и натоварени не е неопходно да се свивате како лист на одсечена гранка. Доброто расположение и чистата совест помагаат повеќе отколку било какви лекови, и можат да станат успешно средство во обновувањето на здравјето.
Настојувањето да бидете расположени ќе ви донесе благодат на здравје. Отворете ги вратите и прозорците колку што е тоа можно и користете ги благодетите на чистиот воздух и сончевите зраци.
Нека песните на птиците и убавините на природата разбудат во вашите срца чувства на благодарност и почит кон Творецот, Кој однапред се погрижил за вашите потреби и ве опкружил со непоминливи докази за Својата љубов и Својата постојана грижа за вас.
Секогаш во животот имајте одредена цел. Наместо темни облаци, секогаш околу себе собирајте топли сончеви зраци. Трудете се секогаш во Божјата бавча да има свежо и прекрасно цвеќе, коешто ќе го шири својот мирис насекаде околу себе. Правејќи така ќе си го разубавите животот и на себе и на другите, додека пак со несреќното тагување и жалење сигурно ќе си ги ускратите своите денови.
Отсечете ја секоја сува гранка и отфрлете го секој овенат лист од својот живот, и покажувајте само свежина и крепост.
Размислувањето за големите благослови коишто ги уживаме како Божји деца, секој вистински христијанин секогаш го прави добро расположен и среќен.
„Затоа, браќа мои возљубени и сакани“, вели апостолот, „радост моја и венец, стојте така цврсто во Господа, возљубени!“ (Филипјаните 4:1; Библија)
Доброто расположение го просветува умот, а храмот на душата го осветлува со сигурност што имаме мир со Бога, надеж за вечен живот преку Христа, и задоволство и другите да ги усреќиме со радоста којашто нема ништо заедничко со тагата.
Христијаните имаат причина да бидат најрасположени и најсреќни луѓе на светот.